ПОВЕЌЕ

    6 паметни одлуки при иновирање

    Време зa читање: 7 минути

    Што претставуваат паметни одлуки?

    Паметни одлуки се одлуки кои даваат решение со кое на најоптимален начин ќе се реши проблемот и заради кој се носат одлуки.

    Нормално, одлучување значи да се избере нешто од повеќе алтернативи, а факт е дека секогаш ќе имаме на располагање повеќе алтернативи. Па, во тој случај, паметна одлука е да се избере најоптималната алтернатива што може да биде најдобро решение со најниски трошоци и со најмалку потрошено време за нешто.

    Да ги разгледаме тие 6 паметни одлуки.

    1. Не ограничувајте се себеси, секогаш може да се иновира и се може да биде предмет на иновација.

    Доколку вие како претприемач имате ограничен поглед во однос на иновација и процес на иновирање, многу е реално дека воопшто нема да иновирате.

    Без разлика дали станува збор за обична полица каде се реди и стои алатот кој го користат вашите вработени или начинот на редење на изложбените производи во мала продавница, или пак за производот кој го произведувате или продавате секогаш ќе постои можност за подобрување. А, подобрувањето е резултат на вашиот процес на иновирање.

    2. Бидете отворени за нови идеи од секаде во вашата организација.

    Иако можеби сметате дека сте најпаметниот во вашата компанија и со најголема моќ во одлучувањето (што секако е нормално, вие сте претприемач), сепак идеи за иновација може и треба да доаѓаат од секаде, односно од сите нивоа на структурата во вашата организација.

    Едноставно иновација не трпи бирократија, затоа елиминирајте ги сите можни бирократски правила и процедури со што иновативните идеи може да заглават, застанат или пак воопшто да не се појават во вашиот бизнис. Замислете правилник за генерирање на идеи или пак правилник за креативно размислување со што ќе се генерираат нови иновативни идеи. Замислете правилник кој ќе ви каже дека сите менаџери во 11 часот треба да остават се, да седнат на столот со број тој и тој и да размислуваат за нови идеи кои потоа треба да ги пополнат во образец тој и тој, да ги достават до тој и тој, да чекаат одобрение од врвниот менаџмент или претприамачот и дури потоа да изработат план за имплементација на иновативната идеја.

    Да не се разбереме погрешно, правилниците и процедурите се од помош само доколку обезбедуваат непречен тек на иновативни идеи како вертикално така и хоризонтално насекаде низ организациската структура.

    Во секој случај мора да бидете внимателни кога созадавате системи во вашиот бизнис се со цел да не му попречувате на иновативниот процес во вашиот бизнис.

    3. Воопшто не ни започнувајте со процесот без претходно да ги вклучите купувачите.

    За кого иновирате во вашиот бизнис? За вас? За вашите вработени или за вашите купувачи?

    Точен одговор е за купувачите. Без разлика дали станува збор за иновација на нов производ или услуга, или пак иновација која содржи подобрување на постоечки производ или услуга, или пак иновација на некој процес во самиот бизнис, вие секогаш ќе иновирате заради купувачите.

    Можеби ќе кажете дека иновација во продажниот процес не е поврзана со купувачите, или пак ќе кажете дека иновација во производствениот процес не е поврзана со купувачите, или пак иновација во маркетинг процесот не е поврзана со купувачите… Но, сепак доколку подлабоко навлезете во секој процес ќе видите дека тој постои и е дизајниран за да ве доближи до онаа што вашите купувачи го сакаат.

    На пример, иновација во производствен процес ќе значи излез од процесот на производ со подобар квалитет, со помалку грешки, побргу. А, сето тоа значи дека вашите купувачи во сопствените раце ќе држат поквалитетен производ, со поприфатлива цена и побргу во однос на конкурентите.

    Значи купувачите се клучната алка на која треба да се стави фокусот на секаква иновација во вашиот бизнис.

    Затоа, кога го дизајнирате ваш иновативен процес паметна одлука е секогаш да барате начини како тековните и потенцијалните купувачи да бидат дел од него, со што и тие ќе дадат допринос за иновирање.

    4. Базирајте ги одлуките само на цврсти информации.

    Имам видено голем број на неуспешни иновации токму поради фактот што претприемачите немаат цврсти, вистинити информации кога донесуваат одлуки за иновирање на нешто во нивниот бизнис.

    Иновацијата бара иноформации, поточно, успешни иновации ќе бараат повеќе од информации, а тоа се факти.

    За дизајнирање на нов производ или услуга ќе ви требаат карактеристики кои треба да ги содржи тој производ или пак услуга што пак од друга страна претставува нешто што директно ќе биде оценувано од купувачите во однос на тоа дали е добра карактеристиката, дали им е навистина потребна во однос на цената која ја плаќаат, дали нешто друго им треба, а не е вклучено во самиот дизајн на производот или услугата. Затоа ви требаат информации од пазарот, од купувачите.

    Мора да воспоставите системи кои ќе продуцираат и распространуваат ваков вид на информации до оние кои можат да покренат иновативен процес во вашиот бизнис. Тоа е една паметна одлука кога станува збор за иновирање во вашата компанија.

    5. Инкорпорирате филозофијата за рани неуспеси.

    Што значи ран неуспех? Ако процесот на иновација ви е создаден така да генерира рани мали успеси со цел да поттикне инспирација и мотивираност на целиот тим да продолжи со работата, неуспесите во тие фази ќе значат и рани неуспеси во процесот.

    Рани неуспеси имаат за цел да ви помогнат да се забележат грешките уште пред да се вложат пари, време и други ресурси во реализација на иновацијата. Значи целта е навремено да ги утврдите сите слабости и грешки и да го запрете процесот, како нешто неприменливо или пак како нешто што треба да се поправи пред да се продолжи.

    Доколку ги користите претходните одлуки кои ги споменав во оваа епизода на „претприемачки пат”, вие во голем дел ќе ги намалите можностите за неуспех на вашата иновација. Сепак, и најдобро дизајнираниот процес како и се друго може да се подобри и може да има свои недостатоци и слабсти, а со тоа и можност од грешки и неуспеси.

    Многу е подобро порано да забележите дека нешто не оди како што треба наместо да чекате кога се ќе биде готово и завршени да сфатите дека имате промашување што може да ве чини во некои ситуации и губење, односно пропаѓање на вашиот бизнис.

    Затоа одлуката да инкорпорирате филозофија за рани неуспеси е една паметна одлука која ќе ве спаси од непотребно губење на пари, време и вложен труд во нешто што може да биде целосен пропаст за вас и вашиот бизнис.

    6. Првпат е секогаш тешко, но вторпат, третпат па се до n-ти пат веќе станува лесно.

    Точно така. Првпат секогаш е тешко, невозможно, трагично. Но, со секое повторување на процесот станува се полесно и полесно, едноставно затоа што учите, затоа што стекнувате искуство и затоа што веќе знаете што и како правите и што и како треба да правите.

    Една од најважните одлуки во однос на вашиот бизнис е одлуката да поченете да иновирате и тоа континуирано без прекин да иновирате нови производи, услуги и процеси.

    Кога веќе ќе ја донесете оваа важна одлука следното нешто е да започнете со иновирање. Одлука како одлука не значи дека ќе успеете, таа е само знак дека нешто треба да преземете. Затоа мора да започнете со инсталирање на еден иновативен процес кој ќе ја обезбеди таа континуираност и постојаност кога станува збор за иновирање.

    Започнете со нешто мало, нешто едноставно кое знаете дека треба да го имплементирате кога станува збор за иновации. На пример, започнете со подобрување на производ наместо со иновирање на сосема нов. Започнете со подобрување на постоечки процес наместо со иновирање на сосема нов процес се со цел да имате можност да го тестирате штотуку инсталираниот процес за иновирање во вашиот бизнис.

    По завршување на првиот циклус на користење на тој нов процес можете да преминете на вториот циклус, третиот, четвртиот… Можете постојано да го зголемувате нивото на самата иновација, односно полека како го практикувате се повеќе и повеќе процесот да ја зголемувате тежината на самата иновација. Вие истовремено и го вежбате процесот, но и постојано го подобрувате истиот се со цел кога веќе ќе дојдете до неколку десетици иновативни процеси да ја намалите можноста од грешки во истиот.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично