ПОВЕЌЕ

    ОДЛОЖЕТЕ АКТИВНОСТИ КОИ ТРОШАТ МНОГУ ВОДА, како што се перење на алишта, чистење на автомобили, препорачува ИЈЗ

    Време зa читање: 3 минути

    Од денес од 22 часот, Скопје ќе остане без вода поради затворањето на главната водоводна цевка, а со цел санирање на дефектите на улицата во Карпош 4. Ќе се работи цел ден во сабота се до поправање на дефектот. Колку точно време главниот град ќе биде без вода не се знае.

    По најавениот недостиг на вода во Скопје, Институтот за јавно здравје на Македонија излезе со препораки граѓаните да се подготват и да го минимизирате влијанието.

    Нивната препорака е да се складира вода во чисти садови за пиење, готвење и хигиена. Оттаму велат дека се потребни најмалку 4 литри вода по лице на ден.

    – Ако имате пристап до флаширана вода, набавете ја за овој период. Наполнете канти, кофи или големи садови со вода за санитарни потреби (чистење, миење, тоалети) – напоменуваат од ИЈЗ.

    Предупредуваат дека е неопходно да се штеди на вода, да се користи вода само за основни потреби како пиење, готвење и лична хигиена.

    – Одложете активности кои трошат многу вода, како што се перење на алишта, чистење на автомобили и слично – додаваат надлежните од ИЈЗ.

    Следната препорака еда се користи средство за дезинфекција на раце ако нема достапна вода, за лична хигиена да се користат влажни марамчиња, а за мијалници или тоалети, да се користат вода од резервите или алтернативи како санитарни раствори.

    -Во однос на храната, гответе оброци кои не бараат многу вода за подготовка и миење. Користете еднократни чинии и прибор за јадење за да избегнете миење. Ако користите вода од неконвенционални извори (пр. бунар), секогаш превривајте ја пред употреба – упатуваат од ИЈЗ.

    Според нив, потребно е да се следат локалните вести и објави од надлежните органи за информации и препораки и да се почитуваат сите насоки дадени од здравствените власти.

    Конкретно за грижа за ранливи категории, препорачуваат лицата да се осигураат дека бебињата, старите лица и лицата со здравствени проблеми имаат доволно резерви на вода. Воедно, да се планира и потребата на домашни миленичиња за вода.

    – Споделувајте вода со соседите доколку тие имаат потреба и проверете ги ранливите лица во вашата заедница – велат од ИЈЗ.

    Тие излегоа и со  препораки за здравствените установи:͟

    1. Складирање на вода

    – Складирајте доволно вода во болниците и клиниките за основните потреби на пациентите и персоналот.

    – Набавете дополнителни резерви на флаширана вода.

    1. Медицински процедури

    – Адаптирајте го распоредот на медицинските процедури кои бараат вода и одложете ги некритичните процедури.

    – Користете стерилни влажни марамчиња за чистење на раце и опрема.

    1. Комуникација со пациенти

    – Информирајте ги пациентите за недостапноста на вода и препораките за лична хигиена.

    – Осигурајте се дека пациентите добиваат доволно течности.

    1. Одржување на хигиена

    – Користете средство за дезинфекција за раце и за чистење на површини.

    – Осигурајте се дека тоалетите се одржуваат чисти со минимална употреба на вода.

    1. Ажурирање на информации

    – Постојано следете ги објавите од јавно-здравствените органи и локалните власти.

    – Обезбедете континуирана комуникација со надлежните институции за најновите информации и насоки.

    – Доколку се почитуваат препораки, граѓаните и здравствените установи можат да ги намалат последиците од недостатокот на вода и да се осигураат за нивното здравје и благосостојба – потенцираат од ИЈЗ.

    Кога е најавен прекин во водоснабдувањето, рестораните и кафулињата треба да преземат истите мерки за да обезбедат непречено работење и да ги заштитат здравјето на гостите и хигиенските стандарди.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично