Тетекс е еден од инвеститорите што ќе градат станбени згради во Тетово. Проектот опфаќа површина од 28.884 квадратни метри, а просторот на кој ќе се гради е во сопственост на акционерското друштво. Планираниот градежен потфат има одобрение од Општина Тетово.
За претстојната деловна активност од Тетекс информираат преку Македонска берза:
„Тетекс АД Тетово известува дека на ден 30.05.2025 година, добиено е Одобрение за градење од страна на Општина Тетово, за објекти со намена А2.1 домување во станбени згради со компатибилна намена Б1 деловен, на КП бр.5448/5 Тетово 2, во сопственост на Друштвото, која е со вкупна површина од 28.884 м2 и со вкупна книговодствена вредност од 1.233.347 денари. Согласно одобрението, Тетекс АД Тетово се јавува како еден од инвеститорите“.
Според класификацијата, освен станбени згради, ќе се изградат и локали за мали комерцијални и деловни дејности.
„Од темелите на традицијата до врвот на современото домување“ пишува на нивната веб-страница. Бредот Тетекс опстојува 74 години. Некогашниот текстилен гигант од од производството се откажа во 2020 година и се преориентира кон порентабилни активности. Одборот на директори го сочинуваат Борислав Трповски – претседател, Бобан Гоговски – главен извршен директор, Павлинка Трповска – извршен директор, Стеван Томовски – неизвршен член, Звонимир Ристовски – неизвршен и независен член, Евгенија Трпкоска – неизвршен член и Душко Мишески – неизвршен и независен член.
Инаку, основачот и најголемиот акционер на ТТК банка, има издадено 414.171 обична акција: 407.899 со право на глас и 6.272 сопствени акции. Мнозински акционери се членовите од семејството Гоговски – Иванка (7,37%), Лоди (7,34%) и Бобан (7,10%).
Што се однесува до ефектите од минатогодишното работење, компанијата бележи пад кај приходите од продажбата, од 1,3 милиони евра (2023) на 822 илјади евра. Исто така, и останатите оперативни приходи кои изнесуваат 2,3 милиони евра се пониски (4,8 милиони евра во 2023). Повисока е само вкупната добивка од вложувањата, каде што се остварени 1,4 милиони евра, наспроти сумата од 2023 – 1,3 милиони евра.