Министерството за финансии издаде нова државна обврзница. Од среда, за кога е најавена котацијата, државата ќе го зголеми должничкиот товар за над 40 милиони евра. Хартиите од вредност се емитувани на петти септември, па раздолжувањето со домашните кредитори ќе се случи на истиот датум во 2039 година.
Во берзанското известување за поднесеното барање од ресорното Министерство се наведува дека државните обврзници се без девизна клаузула, а емисијата е со вредност од 2.475.700.000 денари. Издадени се 247.570 обврзници со номинална вредност од 10.000 денари. Предвидена е каматна стапка од 5,6 проценти.
Ова е втората државна обврзница што го носи потписот на новата власт. Или, за нешто повеќе од 70 дена владеење, по оваа основа е направен нов долг од околу 88 милиони евра. Претходната обврзница беше издадена на 11, а на берзата се појави на 17 јули. Веднаш по ребалансот на буџетот и по изјавите за хаосот и алармантните состојби во државата. Тогашниот износ беше 2,94 милијарди денари, а каматата и рокот на доспевање исти како и на обврзницата со која ќе може да се тргува од 10 септември.
Р.П.