ПОВЕЌЕ

    Од расправијата за лебот и цената – ронките остануваат за граѓаните

    Време зa читање: 3 минути

    Каква ќе биде владината одлука за цената на лебот? Ќе се истурка ли до крај предлогот на министерот за економија? Или властите ќе се предомислат по ултиматумот од пекарите? Можеби и ќе седнат на маса да се договорат… Секакви опции се можни во наредните часови. Се додека на денешната седница Владата не го пресече – лебот.

    На повидок е нов хаос, доколку од утре цената на белиот и полубел леб биде фиксирана на нивото од 33 денари. Со намерата да се спречи военото профитерство, како што неодамна изјави министерот Крешник Бектеши, граѓаните може да останат без леб. Пекарите ќе стават катанец, па ќе нема ни производство ни испорака, едногласно е донесена одлука на последниот состанок на пекарско-мелничката индустрија. Нивната проценка е дека замрзнувањето на цената ќе им донесе дневни загуби од три до 15 илјади евра, а згора на тоа додаваат, поради субвенционираната струја ги намалиле цените на лебот и повеќе отколку што било потребно.

    Сега се во очекување на последниот владин (и)збор. „Дента кога ќе излезе одлуката за замрзнување на цените во ‘Службен весник’, од наредниот ден нема да се произведува леб и да се носи на пазарот. Ова не е бојкот“, изјави Горан Малишиќ- престедател на Групацијата на мелничко-пекарската индустрија. Исто така, велат пекарите, субвенционираната струја нема голем удел во конечната цена на производот, а дополнително, прехранбената индустрија се соочува со недостиг од работна сила и со неповолни услови за кредити, како впрочем и другите производни гранки.

    Најавата за замрзнување веќе неколку дена ја бранува јавноста. Граѓаните во добар дел посакуваат лебот да биде со замрзната цена. Но, исто така, сметаат дека тоа треба да се направи и со другите основни прехранбени намирници, како би можеле полесно да ги задоволуваат дневните потреби.

    Од друга страна, експертската јавност ги критикува владините намери и потези, но и однесувањето на пекарите. Толкувањата се дека Владата треба да создаде амбиент за непречено функционирање на производителите, без оглед на дејноста, а не да се меша во формирањето на цените. Но, велат, и пекарите не можат своеволно да се однесуваат, затоа што пред се, се работи за најосновната животна намирница, а последиците ќе се прекршат врз недолжните потрошувачи. Сето ова, како што се појаснува, е одраз на слабата соработка на владините институции со бизнис секторот. Оттаму и едностраноста во делувањето – едните си го купуваат мирот, другите бркаат што поголема заработка. Сето тоа, без оглед на крајните резултати. Затоа, советуваат упатените, и двете страни треба самокритично да ги изанализираат сопствените потези, па смирено да седнат и да се договорат што и како понатаму. Во спротивно, за граѓаните ќе останат само ронки.

    Освен за лебот, денес се очекува и владината одлука за тоа дали мерката за субвенционирање на струјата ќе биде укината од утре или од први април.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично