Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија во последната информација за пензионерите за ноември месец воведе две нови статистики. Станува збор за бројот на корисници кои имаат задршка на пензиите и уплатените средства во Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија, како и за исплатените средства од Солидарниот фонд за починати пензионери.
Според податоците содржани во статистиката за периодот јануари-ноември вкупниот број на корисници на пензија на кои им се прави задршка на пензијата изнесува 308,823-ца. Уплатените средства до Сојузот на здруженијата на пензионери за истиот овој период се во вредност од 102.692.760 денари или 1,7 милиони евра. Висината на членарината во Сојузот е 30 денари.
Што се однесува, пак, до Солидарниот фонд само во месец ноември се исплатени 43.800.000 денари (712 илјади евра). За периодот јануари-ноември 2021 година вкупно се исплатени 460.980.000 денари, односно 7,5 милиони евра. Само во ноември бројот на починати пензионери за кои се исплатени средства изнесува 1 460, додека за 11 месеци од Солидарниот фонд се исплатени средства за 15 367 починати пензионери.
Намената на Солидарниот фонд е да се обезбеди посмртна помош на корисниците на пензија.На корисник на пензија, со негова согласност, му се запира дел од пензијата за обезбедување на средства потребни за исплата на посмртна помош за членовите на неговото семејство.
Средствата за солидарен фонд – посмртна помош Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на РМ ги уплатува на посебна потсметка во рамките на трезорската сметка со назнака „Средства за солидарен фонд – посмртна помош на корисници на пензија“.
Постапката започнува со поднесување барање за исплата на посмртна помош (солидарен фонд) од страна на член на семејството или друго лице кое го извршило погребот на корисникот на пензија. Барањето се поднесува до подрачната единица на Стручната служба на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на РМ, според адресните податоци каде што се вршела исплатата на пензијата на корисникот на пензија до денот на смртта.
Кон барањето се приложуваат и следните документи:
– извод од матична книга на умрените;
– последен чек за пензиските примања на починатиот корисник;
– број на трансакциска сметка на наследникот, на која ќе бидат уплатени средствата и
– фактура за извршен погреб.