Средствата ќе се користат за набавка на контејнери за собирање отпад од хартија, тетрапак, пластика и метал
Речиси два милиони евра се слеале во еколошкиот фонд од декември 2021, кога пластичните или популарно најлон кесите од бесплатни, во трговската мрежа почнаа да се третираат како продажен артикал со цена од 15 денари. Со цел намалување на нивната употреба и заштита на животната околина.
За тоа како се трошат тие 120 милиони денари, односно која е нивната намена, од Министерството за животна средина велат дека се се одвива согласно предвиденото со Законот за проширена одговорност на производителот за управување со посебните текови на отпад од 2021 година. Конкретно, се користат за поттикнување на активности за постигнување на националните цели за посебните текови на отпад утврдени во прописите за посебните текови на отпад.
Како што појаснуваат, по предлог од стручен орган министерот носи програма за управување со посебните текови на отпад.
„Програмата е донесена на 1 август 2022 година, со број 11-6048/1 и е објавена на веб страната на Министерството за животна средина и просторно планирање.
Врз основа на оваа програма се предлага годишната програма за финансирање на управувањето со посебни текови на отпад, на предлог на министерот за животна средина, а која ја донесува Владата на Република Северна Македонија.
Со оваа годишна програма се утврдува намената и доделувањето на средствата кои ќе се користат за поттикнување на активности за постигнување на националните цели за посебните текови на отпад утврдени во прописите за посебните текови на отпад за 2023 година“, велат од МЖСПП.
Средствата за реализирање на оваа програма во вкупен износ од 120 милиони денари се утврдени во државната каса за годинава. Од нив, 105 милиони денари или 1,7 милиони евра, појаснуваат од Министерството, се прибрани врз основа на четири законски акти – за проширена одговорност на производителот за управување со посебните текови на отпад, за управување со пакување и отпад од пакување, за управување со електрична и електронска опрема и отпадна електрична и електронска опрема, како и за управување со батерии и акумулатори и отпадни батерии и акумулатори.
За нивната намена, од МЖСПП одговараат дека дел од средствата собрани врз основа на овие четири закони во износ од 105 милиони денари ќе се спроведуваат со постапка за јавна набавка за изградба на инфраструктурни објекти за собирање, преработка, рециклирање и отстранување отпад. Посочуваат дека најголемиот дел се од надоместот за биоразградливи кеси, а согласно Законот „средствата се распоредуваат за секој тек на отпад одделно, сразмерно на приходот кој настанал од плаќање на надоместокот утврден во прописите за посебните текови на отпад“.
Јавната набавка ја објавува и спроведува Министерството за животна средина и просторно планирање, а средствата ќе се користат за набавка на контејнери за собирање отпад од хартија, тетрапак, пластика и метал, за сите општини во државата.
За остатокот од износот во висина од 15 милиони денари, односно околу 244 илјади евра, велат дека ќе се реализираат по пат на јавен конкурс, за поддршка на активности кои се заеднички за сите или за повеќе текови на отпад.
„Се наменуваат за финансирање и реализација на национален проект за едукација и подигнување на јавната свест на граѓаните и субјектите за постапување со посебните текови на отпад“, укажуваат од Министерството за животна средина.
Статистиката, пак, покажува дека лани вкупното количество собран комунален отпад изнесувал 605.638 тони и во однос на 2021 година има намалување од 4,2 отсто. Инаку, 506.257 тони или 84 проценти се собрани од домаќинствата, а останатите 16 отсто се комерцијален отпад.
Според видовите отпад, предничи измешаниот комунален отпад – 494.693 тони или 81,7 отсто, а најмало количество има отпадот од гума – 1.487 тони или 0,2 проценти од вкупното количество.
Што се однесува до пластичниот отпад, лани биле собрани 13.063 тони.
Исто така, статистичките податоци велат дека годишното количество на создаден комунален отпад по жител во 2022 година е 467 килограми.
Од идната година, пак, од први јуни, треба да стартува забраната за употреба на најлонските и да се употребуваат исклучиво биоразградливи кеси. Всушност, тоа требаше да се случи од првиот ден на годинешниот јуни.
Инаку, во светот веќе 15 години се одбележува трети јули како меѓународен ден без пластични кеси, со мисија да се подигне свеста за опасноста што ја носи нивната употреба за природното опкружување. Сепак, велат од Министерството за животна средина и просторно планирање, овој датум се уште не е воведен во домашниот еко-календар.
Маја Анастасова