ПОВЕЌЕ

    Од Македонија до дијаспората низ светот – Gley може да стане профитабилна приказна за инвеститорите

    Време зa читање: 3 минути

    Свод Мастер е првата компанија во Македонија која ја напушти комфорната зона на работење, се определи за целосна транспарентност и отчетност, и излезе на берза. Сопственикот на македонската стриминг платформа Gley, наместо по пат на банкарски кредити, се обидува да обезбеди дополнителен капитал за проширување и развој преку понудата на 200.000 обични акции. Цената за акција е 600 денари.

    За тргување станаа достапни на 25 јуни. Досега, според вчерашните податоци на Македонска берза, запишани се 5.362 акции, односно 2,68 проценти од понудата. Тоа е вредност од 3.217.200 денари или над 52 илјади евра. Во суштина, парите се вложени технолошка и креативна платформа која веќе бележи раст. И во која, во изминатиот период основачите инвестирале над 880 илјади евра.

    Платформата Gley, активна четири и пол години, привлекла повеќе од 25 илјади активни месечни корисници. Има гледачи во над 120 земји низ светот, односно предизвикува интерес кај дијаспората, бидејќи ова е единствената можност на дигиталниот простор да следи програма на македонски и на албански јазик. Воедно, платформата има инсталирано над 40 илјади апликации на смарт ТВ и повеќе од 60 илјади на мобилните телефони и таблети. Или, засега е во димензии кои претставуваат половина од големиот популарен „Нетфликс“.

    Зацртаната цел на компанијата е до 2030 година да стане доминантен видео стриминг сервис со 250 илјади регистрирани корисници и 100 илјади активни месечни корисници. Тоа, пак, претставува 20 проценти од вкупниот таргетиран пазар – 500.000 домаќинства во Македонија и од дијаспората.

    Исто така, меѓу целите кои треба да се постигнат во идниот петгодишен период се и приходите од реклами во износ од 120 милиони денари, односно близу два милиони евра. А, тоа е 10 отсто од вкупниот пазар на телевизиското и дигитално рекламирање во земјата. Меѓу предностите на платформата се и таргетираните реклами. Поточно, усогласени со навиките на потрошувачите и со профилот на програмата.

    Доколку се реализираат плановите, на акционерите би им следела дивиденда од над пет проценти.

    Парите што ќе се акумулираат од јавната понуда на акциите ќе се насочат кон развој на нова ексклузивна содржина – играни серии, документарни филмови, детски емисии, за набавка на странски блокбастери и серии. Исто и за технолошки унапредувања, вклучувајќи ad server, анализа на кориснички навики, како и можноста – купи директно од телевизор. Сето тоа, за зголемување на пазарниот удел и за дополнителна монетизација.

    Стримингот е еден од најбрзорастечките медиумски сегменти во светот, а Gley е позициониран како локален одговор на глобалните трендови, со јасна амбиција да доминира на пазарот. Оттаму, акциите на Свод Мастер се можност за вложување во локална платформа со потенцијал за раст, диференцираност и стабилна дивиденда. Важноста на понудата е до 25 август, а ќе се смета за успешна доколку се запишат 60 отсто од акциите.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично