Четири нови државни обврзници денес се појавуваат на Македонска берза. На државата ѝ се потребни повеќе од 4,5 милијарди денари или околу 74 милиони евра. Средствата ги бара од домашните кредитори со соодветна камата, која се движи од 3,4 до 5,1 процент, зависно од рокот кога стасуваат за наплата.
„Ве известуваме дека согласно барањето од страна на Министерството за финансии на Република Северна Македонија за котација на државни обврзници, почнувајќи од 10.07.2025 година на Официјалниот пазар на подсегментот Берзанска котација ќе бидат примени на котација државните обврзници…“, информираат од Македонска берза.
Три од обврзниците се без девизна клаузула, а сите четири имаат номинална вредност од десет илјади денари. Издадени се на 19 јуни.
Првата емисија содржи 58.653 хартии од вредност, па е со вредност од 586.530.000 денари (9,53 милиони евра). Таа е двегодишна, односно датумот на достасување е 19 јуни 2027 година. За овие обврзници е утврдена каматна стапка од 3,40 насто.
Вредноста на тригодишната обврзница, која предвидува раздолжување со кредиторите на 19 јуни 2028 година, е 1.374.500.000 денари (22,35 милиони евра). Носат камата од 3,50 проценти.
Другите две се издадени на подолг рок, на 15 години, но имаат различни каматни стапки. Доспеваат на 19 јуни 2040 година.
За емисијата од 181.079 државни обврзници е одредена највисоката стапка од 5,10 проценти. Вкупната вредност е 1.810.790.000 денари, односно 29,44 милиони евра.
Последните во оваа низа се државни обврзници со девизна клаузула. Преку емисијата од 77.403 хартии од вредност треба да се обезбедат 774.030.000 денари или 12,58 милиони евра. На заинтересираните што ќе вложат пари, овие обврзници им носат камата од 4,85 проценти.