ПОВЕЌЕ

    Од десет на 14 летови неделно – „Ер Србија“ ја зголемува фреквенцијата кон Скопје

    Време зa читање: 2 минути

    Патувањето меѓу Скопје и Белград од есенва добива значително повеќе опции. „Ер Србија“ реши да ја засили една од своите регионални линии и од крајот на октомври меѓу двата главни града ќе лета двапати дневно.

    Српскиот национален авиопревозник во зимскиот распоред за сезоната 2026/2027 предвидува вкупно 14 летови неделно на релацијата Белград – Скопје. Новиот распоред ќе почне да се применува од 25 октомври, со што патниците практично ќе имаат по две можности дневно за лет меѓу двата града.

    Станува збор за дополнително зголемување во однос на првичниот план на авиокомпанијата. „Ер Србија“ најнапред планирала 11 неделни ротации на оваа линија, но во меѓувреме распоредот е проширен на 14.

    Зголемувањето е уште повидливо ако се направи споредба со минатата зимска сезона, кога меѓу Белград и Скопје се реализирале по десет летови неделно. Тоа значи дека во новата сезона ќе има четири дополнителни неделни летови, односно раст на фреквенцијата од 40 проценти.

    За патниците од Македонија, почестите летови значат поголем избор при планирањето на патувањето, но и подобри можности за поврзување преку белградскиот аеродром. Белград е главниот центар на „Ер Србија“, од каде авиокомпанијата ја развива својата мрежа кон бројни европски и подалечни дестинации.

    Линијата Скопје – Белград и во зимскиот период ќе се опслужува со турбопропелерските авиони ATR 72-600, кои „Ер Србија“ вообичаено ги користи за пократките регионални линии.

    Со новиот распоред, авиокомпанијата практично го зацврстува присуството на македонскиот пазар и ја подигнува фреквенцијата меѓу Скопје и Белград на ниво од два лета секој ден – значително повеќе од минатата зима.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично