Новата сеопфатна забрана за патување на претседателот Доналд Трамп, со која им се забранува на граѓаните на 12 земји да влезат во Соединетите Држави, стапи на сила денеска.
Наредбата, која Трамп ја потпиша минатата недела, им забранува влез во САД на државјаните на Авганистан, Мјанмар, Чад, Конго-Бразавил, Екваторска Гвинеја, Еритреја, Хаити, Иран, Либија, Сомалија, Судан и Јемен.
Државјаните од уште седум земји – Бурунди, Куба, Лаос, Сиера Леоне, Того, Туркменистан и Венецуела – ќе се соочат со делумни ограничувања за патување.
Американскиот претседател рече дека листата може да се ревидира доколку се направат „материјални подобрувања“, додека други земји би можеле да се додадат како што „се појавуваат закани низ целиот свет“.
Ова е втор пат Трамп да нареди забрана за патување од одредени земји. Сличен налог потпиша и во 2017 година за време на неговиот прв мандат.
Белата куќа соопшти дека овие „ограничувања со здрав разум“ ќе ги „заштитат Американците од опасни странски актери“.
Постојат голем број луѓе од погодените земји кои сè уште можат да влезат во САД поради голем број исклучоци. Наредбата не се однесува на:
„Законски постојани“ жители на САД, Членови на нивното најблиско семејство кои имаат имигрантски визи, Вработени во американската влада со специјални имигрантски визи, Посвојувања, Двојно државјанство кога лицето не патува со пасош од една од засегнатите земји, Авганистански државјани кои поседуваат специјални имигрантски визи, Носители на „имигрантски визи за етнички и религиозни малцинства кои се соочуваат со прогон во Иран“. Потоа странски државјани кои патуваат со одредени неимигрантски визи, спортисти, нивните тимови (вклучувајќи тренери и помошен персонал) и нивното најблиско семејство кога патуваат за големи спортски настани, како што се Светското првенство во фудбал за мажи во 2026 година и Летните Олимписки игри 2028 година во Лос Анџелес. Покрај тоа, државниот секретар на САД може да одобри исклучоци за поединци „од случај до случај“, ако „поединецот би им служил на националните интереси на Соединетите Американски Држави“.
Во видео објавено на неговата веб-страница „Truth Social“ минатата недела, Трамп рече дека неодамнешниот напад во Болдер, Колорадо, „ги нагласи екстремните опасности“ што ги претставуваат странските државјани кои не биле „соодветно проверени“.
Најновата наредба на Трамп, која веројатно ќе се соочи со правни предизвици, предизвика брз одговор, дома и во странство.
Чад возврати со суспендирање на сите визи за американските граѓани, додека Сомалија вети дека ќе соработува со САД за решавање на безбедносните прашања. Африканската унија, која ги претставува сите земји на континентот, ги повика САД да „воспостават конструктивен дијалог со засегнатите земји“.
Во САД, демократите брзо го осудија потегот.
„Оваа забрана, проширена од забраната на Трамп за муслиманите во неговиот прв мандат, само дополнително ќе нè изолира на светската сцена“, напиша конгресменката Прамила Џајапал на социјалните мрежи.
Но, други ја поддржуваат забраната.
Конгресменот Клеј Хигинс од Луизијана за Би-Би-Си изјави дека патувањето во САД е „привилегија, а не право“.