Од денес, за најголем дел од потрошувачите, струјата поскапува за 0,4 проценти. Повисоката цена не ги опфаќа домаќинствата од првиот блок, со минимална потрошувачка. За 0,65 насто се зголемува и цената на евтината тарифа.
Според одлуката на Регулаторната комисија за енергетика, кај цената на електричната енергија во првиот блок нема промени, во вториот се зголемува за 0,85 проценти, во третиот за 1,92 и во четвртиот блок за 1,88 насто. Струјата што ќе се користи од 13 до 15 часот, односно евтината тарифа, од денес е поскапа за 0,65 проценти.
Или, како што посочи неодамна претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, за 88 проценти од домаќинствата кои влегуваат со потрошувачка во прв и втор блок, трошокот за електрична енергија ќе се зголеми за 0,4 проценти. За осум отсто од домаќинствата со потрошувачка и во третиот блок сметките ќе бидат повисоки за 0,48, а за оние четири отсто што навлегуваат во четвртиот блок цената ќе биде повисока за 0,57 насто.
Ова минимално зголемување на цената Бислимоски го образложи со тоа што на „ЕВН Хоум“ му е дадена насока 15 проценти од необезбедените количини да ги набавува на Берзата на електрична енергија што функционира во земјава, и тоа во периодот кога цената е близу до нивото понудено од ЕСМ – од 60 евра за мегават час. Исто така, влијание имаат и измените на Законот за енергетика неодамна усвоени од Собранието, со кои маржата од 11,5 се намали на 9,9 проценти.