ПОВЕЌЕ

    ОД АВСТРАЛИЈА ДО ЕВРОПА: Словенија меѓу земјите што велат „стоп“ за деца на социјалните мрежи

    Време зa читање: 3 минути

    Словенија се подготвува да направи сериозен пресврт во односот кон дигиталниот свет на младите. Владата најави изработка на нацрт-закон со кој би се забранил пристапот до социјалните медиуми за деца под 15 години, потег што ја вметнува оваа мала централноевропска земја во сè поголемата европска дебата за влијанието на технологијата врз најмладите.

    Вицепремиерот Матеј Аркон, кој ја соопшти веста по владината седница во четвртокот, порача дека станува збор за прашање што веќе со месеци ја бранува јавноста низ Европа и пошироко. Според него, предложената регулатива е јасен сигнал дека државата сака поактивно да се вклучи во заштитата на децата и адолесцентите во дигиталната средина.

    Иницијативата, како што објасни Аркон, доаѓа од Министерството за образование, а при подготовката на законот ќе бидат вклучени и експерти од областа на образованието и дигиталните технологии. Целта е да се воспостави контрола врз платформите каде што се споделува содржина, како TikTok, Snapchat и Instagram, кои, според критичарите, се дизајнирани така што лесно можат да предизвикаат зависност кај младите корисници.

    Со ова, Словенија се приклучува на трендот што веќе го наметнаа неколку европски земји. Шпанија предложи забрана за користење социјални медиуми за лица под 16 години, додека Грција е на чекор до воведување слични ограничувања за деца под 15 години. Во исто време, Велика Британија и Франција сè погласно размислуваат за заострување на правилата, откако Австралија во декември стана првата земја во светот што законски го забрани пристапот до вакви платформи за деца помлади од 16 години.

    Дебатата, сепак, не е еднострана. Европскиот парламент уште во ноември 2025 година повика на амбициозна заедничка акција на ниво на Европската унија за заштита на малолетниците на интернет, вклучувајќи минимална возраст од 16 години и забрани за најштетните платформи. Во усвоениот извештај, пратениците предупредија на сериозните ризици по менталното и физичкото здравје на младите, како и на „манипулативните стратегии“ што можат да ја зголемат дигиталната зависност и да ја нарушат концентрацијата и начинот на кој децата се вклучуваат во онлајн содржините.

    Но, од другата страна на аргументите стои УНИЦЕФ, кој предупредува дека целосните забрани може да имаат и несакани последици. Според агенцијата на Обединетите нации, социјалните медиуми не се само забава или луксуз, туку за многу деца претставуваат важен простор за учење, поврзување и самоизразување, особено за оние кои се изолирани или маргинализирани. Забраните, велат оттаму, носат ризик да ги оттурнат децата во уште понерегулирани и помалку безбедни онлајн простори.

    Дали строгата регулација е неопходен чекор за заштита на младите или ризичен експеримент со непредвидливи последици, останува отворено прашање. Јасно е, сепак, дека Европа влегува во нова фаза на преиспитување на односот меѓу децата, технологијата и одговорноста на државата.

    (Фото: Unsplash)

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично