Од петок 27 октомври до петок трети ноември забележани се 2.862 нетрговски трансфер на акции на котирани друштва. На Македонска берза секојдневно се споделуваа податоците добиени од Централниот депозитар за хартии од вредност. Најголемиот број од акциите што по овој пат го смениле сопственикот, се на „Македонски телеком“, во два наврати. Инаку, сите трансферирани акции се обични.
Минатата работна недела се заокружи со објавата дека претходниот ден струмичкото акционерско друштво „Грозд“ извршило нетрговски трансфер на 42 обични акции.
Седмицата започна како и што заврши, скромно. Известувањето се однесуваше на 60-те обични акции од „Раде Кончар – Апаратна техника“, трансферирани во петокот.
Понатаму, активностите од овој вид се зголемуваа, а со тоа побројни стануваа и хартиите од вредност што со едноставен премин го менуваа сопственикот.
Следуваше информацијата дека извршен нетрговски трансфер на акции на котирани друштва: РЖ „Услуги“ АД Скопје – 218 обични акции; „Македонски телеком“ АД Скопје – 300 обични акции; Стопанска банка АД Скопје – 160 обични акции; „Тетекс“ АД Тетово – 74 обични акции.
Првиот ден од месецот мина со берзанската вест за променетата сопственост на 194 акции од ГТЦ АД Скопје и на прилепскиот „Тутунски комбинат“- 117 обични акции.
Утредента, пак, се работеше за 20 обични акции на битолскиот Земјоделски комбинат „Пелагонија“ и за 13 акции на скопски „Алкалоид“.
Конечно, во петокот, објавата на Македонска берза беше подолга, содржи податоци за акциите од осум компании.
Согласно податоците добиени од Централниот депозитар за хартии од вредност, ве известуваме дека на 02.11.2023 година е извршен следниот нетрговски трансфер на акции на котирани друштва:
Како подарок, наследство, по сила на судска одлука или договор за залог, трансфер е направен на 91 обична акција на „Алкалоид“; 25 на РЖ „Економика“; 136 на „Тутунски комбинат “ Прилеп; 27 на „Уготур“ Скопје; 1.289 на Телеком; 10 на РЖ „Техничка контрола“; 26 на РЖ „Интер-Трансшпед“ и 60 обични акции на „Скопски пазар“.
М.А.