ПОВЕЌЕ

    ОД 22 ЕВРА ДО ЦАРИНСКИ ПРЕГЛЕД: Како измените на ДДВ создадоа тесно грло во поштенскиот систем

    Време зa читање: 3 минути

    Од 18 декември 2025 година, секоја онлајн пратка што влегува во земјава, без разлика дали вреди неколку евра, мора да мине царински преглед за пресметка на ДДВ. Промената, замислена како даночна корекција и поддршка на домашната економија, во пракса донесе забавувања и задржување на пратки, а граѓаните се соочуваат со чекање без јасни рокови за испорака.

    Наместо во поштенските шалтери, тесното грло се создаде во процедурата. Со измените на Законот за данокот на додадена вредност, изгласани во ноември 2025 година, се укина ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки до 22 евра. Ослободување останува само за мали, некомерцијални пратки од физичко лице на физичко лице до 22 евра, со одредени исклучоци. Сè друго влегува во режим на задолжителен царински преглед.

    Тоа значи дека „Пошта на Северна Македонија“, како носител на универзалната поштенска услуга, е должна сите онлајн пратки да ги достави на царина за утврдување на ДДВ. Оттаму информираат дека токму оваа нова обврска предизвикува забавување при обработката и при царинските контроли. Во соопштение објавено на веб-страницата, Поштата наведува дека заедно со Царинската управа работи на изнаоѓање решение за забрзување на формалностите, со цел пратките да пристигнуваат во што пократок рок, и апелира до корисниците за трпение и разбирање.

    Но, она што во закон изгледа како кратка измена, во пракса значи обработка на секој поединечен пакет. Кога илјадници мали пратки, нарачани од странски е-трговски платформи, одеднаш стануваат предмет на задолжителен царински преглед, системот се соочува со товар за кој очигледно не бил подготвен со ист капацитет и динамика.

    Министерството за финансии, пак, велеше дека измената е како чекор кон „фер конкурентност“ и поддршка на домашните компании. Според нивните пресметки, со укинувањето на ослободувањето, речиси четири милиони денари месечно, колку што во одредени периоди изнесува прометот кон странските онлајн-платформи, би се пренасочиле кон домашното стопанство. Очекувањата се дека тоа ќе придонесе за раст на локалните компании, отворање нови работни места и подобрување на условите и платите.

    Во образложението беше посочено и дека новиот модел ќе помогне во намалување на сивата економија, имајќи предвид дека досегашниот систем дозволувал можни злоупотреби – увоз на стоки ослободени од ДДВ кои потоа се препродавале на домашниот пазар. Со укинувањето на прагот од 22 евра за комерцијални пратки, се воведува построга контрола и унифициран третман.

    Во регистарот на лиценци на Агенцијата за пошти се евидентирани 29 компании, но „Пошта на РСМ“ е носител на индивидуална дозвола за обезбедување универзална услуга, што ја става во центарот на имплементацијата на новите правила. Додека институциите работат на „забрзување на процедурите“, граѓаните веќе ја чувствуваат транзицијата: правилото важи, но системот сè уште се прилагодува на обемот што самиот го создаде.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично