ПОВЕЌЕ

    ОД 2026 ГОДИНА ВО ХРВАТСКА НЕМА ДА ИМА НАПЛАТНИ ПАТАРИНИ, а возачите нема да застануваат и бесконечно да чекаат

    Време зa читање: 3 минути

    Околу 45 милиони возила поминале по хрватските автопати во првите седум месеци од годинава, соопштија од најголемата компанија за управување со автопати во земјата – „Хрватски автопати“ (HAC). Тоа е за два милиона повеќе во споредба со истиот период лани. HAC управува со најголемиот дел од автопатиштата во земјата – нешто повеќе од 1.100 километри – каде што за време на летната сезона се создаваат најголемите гужви.

    За викенди, повеќе од 241.000 возила поминале преку Загреб кон крајбрежјето и во спротивна насока, изјави за Хрватската радиотелевизија (ХРТ) раководителот на наплатната станица Лучко, Иван Божиќ. Според него, тоа е на исто ниво како и минатата година.

    Во Хрватска, најголемите метежи на автопатите се случуваат за време на летните месеци, особено за викендите. Освен HAC, со автопати управуваат уште две компании: „Бина Истра“, задолжена за околу 140 километри автопати и брзи патишта познати како „Истарски ипсилон“, и „Автопат Загреб-Мачел“ (AZM), кој стопанисува со 60 километри автопат од главниот град до граничниот премин Грушковје.

    Според најавите, Хрватска во втората половина на следната година ќе воведе нов систем за наплата на патарина, кој ќе ја опфати целата мрежа автопати во земјата. Наплатните куќички и станици ќе бидат укинати, а возачите повеќе нема да мора да запираат за да платат патарина.

    Новиот систем ќе овозможи плаќање преку ЕНЦ-уреди, кои веќе се користат, или преку автоматско читање на регистарските таблички со камери. Наплатата потоа ќе се врши преку мобилна апликација или други канали за плаќање. За камионите, користењето ЕНЦ-уред прикачен на шофершајбната ќе биде задолжително.

    Наплатата на патарината во Хрватска ќе се врши според бројот на изминати километри, а контролата на системот нема да ја вршат само службените супервизори – кои ќе патролираат со 74 бели возила со сини ротирачки светла и електронски натпис „следи ме“ – туку и полициските единици, па дури и царинските инспектори.

    Возачите што ќе бидат затекнати како користат автопат без претходна регистрација во електронскиот систем, ќе треба да ја платат патарината за возената делница, но и дополнителна казна од 120 евра. За фирмите правилата се уште построги: доколку не го регистрираат возилото пред влез на автопат или доколку регистарските таблички не можат да се прочитаат, предвидени се санкции и до 1.300 евра.

    Според Владата, новиот систем ќе обезбеди побрзо и поефикасно одвивање на сообраќајот, со значително намалување на метежите на наплатните станици.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично