Минатата работна седмица биле подарени или наследени 1.399 акции. Издадени се од четири друштва, покажуваат податоците од Централниот депозитар за хартии од вредност што ги објавува Македонска берза.
Во два наврати се процесуирани фармацевтски и банкарски акции.
Се работи за вкупно 900 хартии од вредност на скопски Алкалоид. Во понеделникот се трансферирани 830, а во средата уште 70 обични акции. Просечната цена на акцијата е 25.500 денари, произлезена од последното тргување со датум од седми ноември.
Првиот нетрговски пренос со 416 обични акции на Стопанска банка Битола исто така е забележан во првиот ден од неделата. Потоа, во четвртокот била подарена една акција. Последното берзанско тргување со акциите на оваа банка било на 24 октомври, од кога е и просечната цена од 3.134 денари.
Статистиката на Централниот депозитар за хартии од вредност во вторникот регистрирала 74 акции. Го носат знакот на Окта и имаат вкупна вредност од шест илјади евра. Единечната цена за акција е 4.989 денари. Последен пат се тргувало во петокот.
Сопственоста по нетрговски пат е пренесена и кај 8 обични акции на Комерцијална банка. Овој подарок вреди повеќе од 3.600 евра, со оглед на просечната цена што ја има најтргуваната акција на Берзата – од 27.867,14 денари.
Аналитика








