ПОВЕЌЕ

    Објавени резултатите од традиционалниот конкурс за ученици по повод Светскиот ден на штедењето

    Време зa читање: 3 минути

    Постојаните вложувања во сферата на финансиската писменост и потврдувањето на важноста на финансиската едукација сѐ повеќе даваат резултати, што се гледа и преку интересот на помладата популација. Ова се потврдува и преку резултатите од годинешниот конкурс по повод Светскиот ден на штедењето, којшто традиционално го распишуваат Народната банка и Министерството за финансии. На веб-страницата на Народната банка веќе се објавени резултатите од Конкурсот.

    Особено голем интерес имаше кај учениците од основните училишта. На темата: „Штедењето ‒ мудра одлука за подобра иднина“ пристигнаа значително поголем број литературни и ликовни творби од ученици од основното образование во споредба со минатата година – 889 во 2021 година, наспроти 373 во 2020 година. Пристигнаа 181 литературна творба – песни, 180 литературни творби – раскази и 528 ликовни творби – цртежи. Половината од вкупниот број творби беа испратени електронски.

    На Конкурсот, во предвидениот рок, пристигнаа 53 есеи, напишани од ученици од повеќе средни училишта, од повеќе општини од државата. Зададената тема за есеите беше „Штедењето и управувањето со личните финансии во современото дигитално време“. Бројот на трудови е блиску до пријавените претходната година. Во изминатите четири години од спроведувањето, овој конкурс е препознатлив меѓу средношколците и го привлекува нивното внимание.

    Комисиите за оцена на пристигнатите творби изразуваат задоволство како од квантитетот, така и од квалитетот на трудовите пристигнати на Конкурсот во 2021 година, при што одделно се осврнуваат на пристигнатите есеи.

    Поголемиот дел од пристигнатите есеи се одликуваат со солиден квалитет според сериозноста на пренесените ставови и стилот на изразување, во кои се открива и забележливо ниво на финансиска писменост. Следствено, оценето е дека есејот е соодветна опција за средношколците како форма преку која тие можат слободно да ги изразат своите гледишта околу штедењето и да ја разгледуваат оваа тема од различни аспекти. Според трудовите, постојат развиени навики на штедење кај дел од младите, но во дел од трудовите отворено се упатува и на потреба од поголема информираност за штедењето и финансиските институции, што е директна потврда за потребата од натамошни активности во доменот на финансиската едукација на младите. Во контекст на темата, во поголем дел од трудовите е нагласена и свесноста за предностите и ризиците околу користењето на дигиталните финансиски услуги, потребата за поголема едукација во оваа област, како и предноста на можностите за финансиска едукација преку користење на дигиталните канали на едукација. Посебно радува што во некои есеи и експлицитно е наведено дека Конкурсот ги поттикнал учениците повеќе да прочитаат за финансиската едукација, со што тој ја постигнува својата цел.

    Согласно со усвоената прва национална Стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија, финансиските регулатори ќе продолжат со активностите за финансиска едукација, како за младите, така и за возрасните. Во текот на овој месец, со цел зголемување на знаењата на населението од областа на штедењето, Народната банка објави инфографика за проста и сложена камата, како нова алатка за финансиска едукација, која нуди сликовит приказ на обработуваната тема, корисна за сите возрасни групи.

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично