Објавен е јавниот повик за субвенционирање на сметките за струја на најранливите категории на граѓани. За оваа намена се обезбедени 60 милиони денари. Условот да се стекнете со оваа помош е примањата во семејството да не се повисоки од 30.000 денари. Информацијата на својот ФБ профил ја објави министерот за економија, Крешник Бектеши.
Право на помош на сметките имаат следниве лица:
– самец до 15.194 денари;
– домаќинство со два члена до 18.000 денари;
– домаќинство со три члена до 21.000 денари
– домаќинство со четири члена до 25.000 денари; и
– домаќинство со пет члена и повеќе до 30.000 денари
Висината на помошта на месечната сметка ќе изнесува од 600 до 800 денари, а се очекува да опфати околу 7500 домаќинства. Доделувањето на помошта го врши Министерството за економија преку селекција на пристигнатите барања од домаќинствата со примена на принципот на најниски примања во домаќинство во 2021 година за секоја од категориите наведени во овој оглас, се до исцрпување на предвидените средства согласно програмата.
Финансиската поддршка се доделува на месечно ниво по корисник во времетраење од 12 месеци.Рокот за аплицирање по овој јавен оглас изнесува 30 дена сметано од денот на објавување на јавниот оглас.
Јавниот повик и потребната документација може да ја најдете на веб-страната на Министерството за економија на следниот линк: https://www.economy.gov.mk/doc/3070