Откако европските земји, предводени од најголемите економии на континентот, Германија и Франција воведоа строги нови рестриктивни мерки за сузбивање на вирусот, економистите повторно предвидуваат пад на економијата во Европската унија, иако не толку остро како во пролетта, Радио Слободна Европа (РСЕ) ја известува денес за проценката на светските медиуми.
Најновите мерки за борба против вториот бран на инфекции со КОВИД-19 во Европа може да доведат до поголема невработеност, трајно затворање на многу компании и зголемување на државниот долг, според американскиот деловен канал CNBC.
Европските земји се соочуваат со дополнителна економска болка бидејќи Франција и Германија воведуваат нови мерки за затворање додека другите влади го најавуваат истото. Одлуката, носи нов удар врз рестораните, баровите, кината и трговците на мало, од кои многумина само што започнаа да се опоравуваат.
По рекордниот раст на БДП во третиот квартал, Европа ризикува да се врати во рецесија бидејќи сеопфатните рестриктивни мерки насочени кон сузбивање на вториот бран на коронавирусот брзо доведоа до крај на веќе кревкото закрепнување, посочува Си-Ен-Ен.