Од денес на берзата котираат три нови државни обврзници издадени од Министерството за финансии, со кои државата се задолжува со дополнителни 4.536.450.000 денари или 73,76 милиони евра. Првата е на куса патека, односно доспева за наплата по три години, а за другите две раздолжувањето ќе се случи по 15 години. Сите се без девизна клаузула, а номиналната вредност е десет илјади денар.
Во информацијата од Македонска берза е наведено дека тригодишната обврзница е со вредност на емисијата од 1.393.800.000 денари (22,66 милиони евра). Издадени се 139.380 обврзници, а носат камата од 3,95 проценти. Датум на издавање е 19 септември, а достасувањето е на истиот ден во 2027 година.
Минатомесечниот датум на издавање е забележан и кај втората обврзница, со вредност од 1.191.900.000 денари (19,38 милиони евра). Издадени се 119.190 хартии од вредност, проследени со каматна стапка од 5,60 проценти. Доспева на 19 септември 2039 година.
Третата државна обврзница ја има истата стапка од 5,60 проценти, а поради тоа што е емитувана пред две недели, државата ќе мора да ги расчисти сметките со домашните инвеститори на 10 октомври 2039 година. Оваа емисија има вкупна вредност од 1.950.750.000 денари (31,71 милион евра), односно издадени се 195.075 обврзници.