Од мај лани до мај годинава, во континуитет расте просечната каматна стапка на вкупните депозити. Со додадените 0,35 процентни поени достигнува 2,21 процент. Истовремено, просечната каматна стапка на вкупните кредити е во постојан пад, измерен со 0,43 процентни поени, а мајското ниво е 5,06 проценти.
Според последните податоци од Народната банка, просечната каматна стапка на кредитите за еден месец се намалила за 0,05 процентни поени. На депозитите се зголемила за 0,01 процентен поен.
Сепак, тие линии на раст и пад имаат прекини кај новите задолжувања и влогови.
„Просечната каматна стапка на новоодобрените кредити во мај е зголемена за 0,85 п.п. при годишен пад од 0,47 п.п. и изнесува 4,72%. Кај просечната каматна стапка на новопримените депозити е забележан месечен и годишен пад од 0,02 п.п. и 0,04 п.п., соодветно и изнесува 2,32%“, наведуваат од НБРСМ.
Каматната стапка на вкупните кредити на домаќинствата движењето по надолната линија го почнува лани во декември. Во мај се осипала за дополнителни 0,03 процентни поени и е на нивото од 5,45 проценти. Таа промена произлегува од падот на стапките кај сите видови кредити, и денарски и девизни. Пад е забележан и на годишна основа, за 0,20 процентни поени.
Во мај за 0,12 процентни поени се зголемила просечната каматна стапка што се пресметува на новите кредити одобрени на граѓаните, која изнесува 4,79 проценти. Растот е базиран на повисоките камати за денарските кредити без валутна клаузула, додека стапките за кредитите во странска валута и за денарските кредити со валутна клаузула го задржале трендот на намалување. Годишниот пад, пак, на просечната стапка на новоодобрените кредити е 0,47 процентни поени.
Во мај депозитите на граѓаните биле оплодувани со стапка од 2,15 проценти, која за еден месец се зголемила за 0,01 процентен поен. „Месечната промена произлегува од растот на каматните стапки на денарските депозити без валутна клаузула и на каматните стапки на депозитите во странска валута (за 0,01 п.п., соодветно), во услови на пад на каматните стапки на денарските депозити со валутна клаузула (за 0,02 п.п.)“, пишува во соопштението од Народната банка. Во споредба со истиот месец од претходната година, стапката е повисока за 0,34 процентни поени.
Но, за новите депозити доверени од населението, банките во мај одредиле пониска стапка за 0,08 процентни поени. Изнесува 2,34 проценти. Тој пад се должи на намалените камати за девизните , како и за депозитите во денари кои се без валутна клаузула. Во периодот од една година, оваа каматна стапка е намалена за 0,02 процентни поени.
За вкупните кредити на корпоративниот сектор во мај важела просечна стапка од 4,66 проценти, која бележи месечно намалување за 0,07 процентни поени. Тоа движење е резултат на падот и кај денарските кредити без и со валутна клаузула, и кај кредитите во странска валута. Споредено со стапката што важела лани во мај, сега има намалување од 0,65 процентни поени.
И кај новите кредити одобрени на компаниите во мај се пресметувала повисока камата. Стапката остварила месечно зголемување од 1,25 процентни поени и изнесува 4,67 проценти. „Месечната промена се должи на растот на каматните стапки на сите компоненти и тоа: каматните стапки на денарските кредити без и со валутна клаузула (за 1,35 п.п. и 0,46 п.п., соодветно) и каматните стапки на кредитите во странска валута (за 0,17 п.п.)“. На годишна основа, пак, каматната стапка на новоодобрените кредити на корпоративниот сектор е пониска за 0,49 процентни поени.
Нема промени кај просечната стапка на вкупните депозити од компаниите, која останува на нивото од 2,62 проценти. А, за една година оваа каматна стапка има раст од 0,41 процентен поен.
Новопримените депозити на корпоративниот сектор во мај имале камата од 2,30 проценти, која го достигналаа тоа ниво по месечниот раст од 0,07 процентни поени. Тоа е резултат од зголемувањето на стапките одредени за денарските депозити без валутна клаузула. Каматната стапка на новопримените депозити на корпоративниот сектор е намалена за 0,08 процентни поени на годишно ниво.