ПОВЕЌЕ

    Новиот нафтен шок се заканува со раст на инфлацијата – експертите бараат итна акција

    Време зa читање: 3 минути

    Македонија се соочува со засилени инфлаторни притисоци и нафтен шок посилен од кризата во 2022 година, при што експертите предупредуваат дека се неопходни итни и поодлучни мерки. Toa беше пораката од денешната тркалезна маса „Улогата на пазарот и државата во управувањето со ограничените ресурси – случајот на Република Северна Македонија“, каде што своите согледувања за состојбите ги изнесоа академици, професори и експерти од областа на економијата.

    Претседателот на Сојузот на економистите на Македонија, Борче Треновски, нагласи дека на земјата ѝ е потребен системски пристап во креирањето економски политики.

    „Економската наука не смее да остане затворена во академските кругови, туку мора да биде активен коректив и партнер во креирањето на јавните политики“, истакна Треновски, додавајќи дека ќе се гради „традиција на редовни тркалезни маси и секторски дебати, каде академската заедница, бизнисот, институциите и практичарите ќе седнат на иста маса во интерес на државата“.

    Во фокусот на дискусијата беа и структурните слабости на економијата – одливот на мозоци, неформалната економија, ниската продуктивност, структурната невработеност и енергетската зависност, за кои, како што беше нагласено, се потребни „рационални, стручни и одржливи решенија“.

    Експертите оценија дека кризата нема брзо да заврши и предупредија дека „трипати повисок е потенцијалот на сегашната, последна нафтена криза, да ја зголеми инфлацијата“. Оттаму, тие повикаа на итни мерки, меѓу кои намалување на акцизите и засилување на антимонополската контрола и инспекцискиот надзор.

    Академик Таки Фити посочи дека државата мора поактивно да интервенира на пазарот на горива.

    „Во таква ситуација, трошоците за производство растат и цените растат, но во светот антимонополската комисија прави контрола дали и колку е оправдан тој пораст“, истакна Фити, додавајќи дека во услови на криза „треба да се оди на штедење во буџетот, на ребаланс, на максимално намалување на сите непродуктивни трошења“.

    Професорот Ванчо Узунов оцени дека инфлацијата веќе има долгорочен карактер и директно го намалува животниот стандард.

    „Најранливите категории граѓани се веќе осиромашени… Владата ќе треба да преземе мерки со кои ќе ги зголеми парите што ги трансферира до ранливите категории“, рече Узунов, нагласувајќи дека мерките мора да бидат селективни.

    Треновски дополнително предупреди дека неизвесноста на глобалните пазари го отежнува економското планирање.

    „Во овој момент сè уште нема значајни поместувања… но ако продолжи кризата на среден период, тогаш ќе биде ефектуиран и растот“, посочи тој, додавајќи дека евентуален раст на цената на нафтата над 150 долари за барел може да го намали економскиот раст за 0,3 до 1 процентен поен.

    Тркалезната маса ја организираа Центарот за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“ при Македонска академија на науките и уметностите, Економскиот факултет – Скопје и Сојузот на економистите на Македонија.

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично