Конвертибилните обврзници од втората емисија издадена од Централна кооперативна банка, со вкупна номинална вредност од шест милиони евра, од 18 јули ќе котираат на Македонска берза. По пат на јавна понуда се пласираат 60 долгорочни должнички хартии од вредност, кои во целиот деветгодишен период носат фиксна каматна стапка од 2,2 проценти. Продажната цена е еднаква на номиналната – 100 илјади евра.
„На седницата одржана на 14.07.2025 година, Одборот на директори на Македонска берза донесе Одлука за котација на конвертибилните обврзници (втора емисија) издадени од Централна Кооперативна Банка АД Скопје на Официјалниот пазар на Македонска берза АД Скопје, на подсегментот Берзанска котација“, соопштија од Берзата.
Притоа, се наведува дека обврзниците се конвертибилни, преносливи, субординирани, необезбедени. Каматата се пресметува во евра, а ќе се исплаќа во денари. Исплатата ќе се одвива еднаш годишно – на 20 јуни. Тоа е датумот на издавање, па затоа и рокот на достасување е 20 јуни 2034 година.
Од Берзата појаснуваат дека опцијата за конвертирање му дава право на имателот да ги конвертира обврзниците во обични акции со право на глас, на негово барање по цена на конверзијата од 41,2069 евра за една акција. Остатокот кој нема да биде конвертиран ќе му се исплати на имателот на обврзниците. Барањето за конверзија може да се доставува на секои три месеци.
Обврзниците се необезбедени и субординирани обврски во однос на обврските на Банката кон останатите депоненти и доверители. Обврзниците се еднакви помеѓу себе и ќе имаат еднаков третман при исплатата како и сите други должнички хартии од вредност од ист вид и карактеристики кои ќе бидат издадени од Банката. Издавачот може по сопствено дискреционо право да ги откупи хартиите од вредност по истекот на пет години од датумот на издавање, со претходно одобрение од НБРМ.
„Имајќи го предвид наведеното, како и при секое вложување во хартии од вредност, потребно е инвеститорите темелно да се информираат за карактеристиките на финансискиот инструмент преку увид и анализа на проспектот за котација, како и преку следење на сите известувања кои издавачот во иднина ќе ги објавува преку системот на Берзата за електронско известување од котираните друштва СЕИ-Нет“, се препорачува во објавата од Македонска берза.