Две државни обврзници во вкупен износ од 1.590.770000 денари или 25,84 милиони евра се издадени денес од Министерството за финансии, а од утре ќе котираат на Македонска берза. И двете се без девизна клаузула и со номинална вредност од десет илјади денари. Едната е на пет, а другата на 15 години.
„Ве известуваме дека согласно поднесено барање од страна на Министерството за финансии на Република Северна Македонија за котација на државни обврзници, почнувајќи од 07.06.2024 година на Официјалниот пазар на подсегментот Берзанска котација ќе бидат примени на котација државните обврзници…“, се вели во берзанската информација.
Петгодишната државна обврзница е со вредност на емисијата од 590.750.000 денари (9,6 милиони евра). Издадени се 59.075 вакви хартии од вредост, кои носат камата од 4,2 проценти. Достасуваат на шести јуни 2029 година.
Поголем е износот на втората емисија – од 1.000.020.000 денари, односно 16,24 милиони евра. Емитувани се 100.002 обврзници, чиј датум на доспевање е шести јуни 2039 година. Кај нив е утврдена каматна стапка од 5,6 проценти.
Обврзниците се издадени во истиот ден кога лидерот на победничката ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и официјално стана мандатар, а почна да тече и 20-дневниот рок за состав на новата влада. Како што најави, првиот ребаланс на државната каса ќе се случи во втората половина на јули.