Во текот на следната недела јавноста ќе биде информирана за цената на струјата што ќе важи од први јануари. Секогаш имаме креативни решенија, нема да има никаков ценовен шок, порачува претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски од Атина, во разговорот за МИА. Како претседател на Бордот на регулатори на Енергетската заедница тој присуствуваше на редовниот состанок во Атина на кој, меѓу другото, требаше да се избере и нов претседател. Никој од кандидатите не го добил потребното мнозинство, па мандатот му е продолжен за дополнителни шест месеци. Членки на Енергетската заедница се Србија, Косово, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Молдавија, Грузија, Украина и Албанија.
„Цените на струјата секогаш сe актуелни, во изминатиот период повторно бевме соочени со разноразни црни сценарија, колку ќе значи поскапувањето, што ќе значи. Ние ги привршуваме цените во однос на делот за мрежарините, за пренос и за дистрибуција на електрична енергија. Понатаму, откако ќе ги усвоиме, универзалниот снабдувач треба да ги достави. Очекуваме во текот на следната недела да ја информираме јавноста. Секогаш имаме креативни решенија, нема да има никаков ценовен шок, сè ќе биде во рамките на тоа што може да се очекува“, вели Бислимоски.
Иако во разговорот посочува дека предвид треба да се имаат повисоката набавна цена на ЕВН хоум, трошоците за загуби на електрична енергија кои се зголемија кај електродистрибуција, зголемените трошоци за материјали, зголемените плати во компаниите…, сепак тврди дека нема да ги добијат бараните 27 проценти зголемување.
„Ги привршуваме анализите, имаме начин како да го спречиме тоа, ќе воведуваме и надоместок за пристап кон мрежа кој, најодговорно тврдам, ќе им помогне на сите потрошувачи во државата, имајќи предвид дека поради поставување на фотоволтаици на кровови и на индустриски капацитети и на домаќинства, потрошувачката ни падна за десетина проценти што прави дополнителен притисок врз цената. Значи, тоа има влијание и не може тие што не поставиле фотоволтаици да плаќаат за тие што поставиле фотоволтаици“, дециден е Бислимоски. Притоа, додава дека 130 илјади домаќинства минимално трошат електрична енергија, но трошоците за одржување на мрежите се фиксни секој месец и не може да плаќаат само тие што трошат, туку има и фиксен трошок.
За досегашното искуство со блок тарифите вели – функционираат и даваат одлични резултати, а така ќе биде и понатаму.
„Имавме сосема разбирлив притисок од Меѓународниот монетарен фонд, но на крајот се разбравме дека колку и да ги намалиме ние тарифите, толку повеќе ќе се зголемува приходот и со тоа ќе има други непотребни работи коишто треба да се случуваат. Блок тарифите ќе продолжат да функционираат и сега засега даваат одлични резултати. Најбитно ни беше со блок тарифите да се намали потрошувачката на електрична енергија. Веќе испраќаме и сигнал, тие што се во четврти блок, многу влегуваат во четвртиот блок, можат да си одат на слободен пазар да си набават електрична енергија“, образложува Бислимоски.
Бислимоски, во декември 2019 година едногласно беше избран за претседател на Бордот на регулатори на Енергетската заедница на тогашниот редовен состанок, две години подоцна, во ноември 2021 година доби втор, двегодишен мандат, а сега требаше да биде избран неговиот наследник, но поради тоа што ниту еден од кандидатите не го доби потребното мнозинство, претседателот на РКЕ ќе продолжи да ја врши функцијата уште шест месеци.
Двата мандати во Енергетската заедница беа во период на неколку последователни кризи, за што самиот Бислимоски коментира дека било интересно и ново искуство.
Во разговорот за МИА се потсетува дека кога станал претседател, тогашниот директор Јанез Копач му рекол дека е првиот вистински кадар на Енергетската задница кој ги води регулаторите бидејќи има поминато низа обуки.
„Бев претседател во особено тежок период. Имавме ковид криза, имавме енергетска криза, имаме војна во Европа, руската агресија врз Украина. Во тој период земјите горе-долу сите се соочивме со еден ист проблем и можам да ги поделам во две групи, едните коишто увезуваат електрична енергија, како што се Македонија, Албанија, Косово и Србија во одреден период од годината, многу потешко ја пребродивме. Босна и Црна Гора беа порелаксирани бидејќи си имаат свое домашно производство на електрична енергија, а под најголем притисок во целиот овој период имаа Украина и Молдавија, пред сè поради постојаните закани, уште пред да започне војната, дека Русија ќе ги исклучи од природен гас итн. Така што, интересен период, но и период што ми донесе нови искуства, кои понатаму се надевам дека ќе ги применувам“, објасни претседателот на Регулаторната комисија за енергетика.