Нови цени на горивата од полноќ. Викендот донесе промена, во просек, за два проценти. Толкава е разликата од минатиот петок до денес. Што пресметано кај дизелот претставува дополнителен денар за литар, кај бензините 1,5 денари, а кај нафтата за домаќинства за два денари.
Според најновата одлука на Регулаторната комисија за енергетика, веќе од првите минути на утрешниот ден моторниот бензин еуросупер БС 95 ќе се продава по 77,5 денари за литар, еуросупер БС – 98 за 79,5 денари за литар, а дизел-горивото ќе биде 73 денари за литар. Маслото за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) ќе биде 72 денара за литар, а мазутот 41,687 денари за килограм.
Одлуката на РКЕ е заснована на последните движења на светскиот пазар, каде што во меѓувреме растот на референтните цени на нафтените деривати е измерен со 6,182 проценти, дизелот е поскап за 2,172, а екстра-лесното масло за 6,442 насто.
Со датум од 24 јуни, посочуваат од Регулаторната комисија, ова се максималните цени на нафтените деривати. Трговците на големо и на мало можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и на пониско ниво.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период, во просек изнесува 53,3839 ден и е за околу 0,1578 проценти повисок од курсот на доларот (53,2998 денари) по кој беа формирани цените со претходната пресметка, велат од РКЕ
Во текот на минатата недела, согласно промените на светскиот пазар, регулаторите извршија три корекции во кои беа опфатени цените на дизел горивата. Неделава почнаа да поскапуваат и бензините.