Драстичен пад на увозот од Србија на суровото сончогледово масло во периодот 10 јуни – 10 јули 2024 година. Според податоците од македонската Царина, во овој период од Србија се увезени само 49,840 килограми сурово сончогледово масло што е за пет пати или 500% помалку од периодот од 10 мај до 10 јуни или за седумпати или 700% помалку од периодот 10 април – 10 мај 2024 година.
УВОЗ НА СУРОВО СОНЧОГЛЕДОВО МАСЛО ОД СРБИЈА
ПЕРИОД | КОЛИЧИНИ (КГ) | КОЛИЧИНА (ТОН) |
10.04.2024 – 10.05.2024 | 374.460 кг | 374,46 |
10.05.2024 – 10.06.2024 | 255.160 кг | 255,16 |
10.06.2024 – 10.07.2024 | 49.840 кг | 49,84 |
Извор: Царинска управа на Македонија
Поради ваквиот драстичен пад на увозот на оваа суровина која се преработува во македонските рафинерии за сончогледово масло за јадење – зејтин, одговор на што се должи огромниот пад на увозот од нашиот северен сосед, побаравме од Министерството за економија и труд со кое раководи министерот Бесар Дурмиши.
Оттаму за порталот „Пари“ одговорија:
„Министерството за економија и труд нема добиено известување од Владата на Србија за забрана за извоз, ниту сме добиле известување или жалба од некоја од домашните компании кои се занимаваат со увоз на ваков вид стока“, велат од Министерството.
Додека има драстичен пад на увозот на суровото сончогледово масло од кое се прави македонскиот зејтин, во изминативе три месеци имаше осцилации и при увозот од Србија и на готово сончогледово масло за јадење.
Рекордни количества се увезени во периодот 10 април – 10 мај 2024 година или 894 тони, за потоа во периодот 10 мај – 10 јуни 2024 да има пад на увозот од 288,9 тони, по што увозот од 10 јуни до 10 јули повторно расте и тоа за 115 тони во споредба со претходните 30 дена, но и тоа е далеку пониско и тоа за 173,9 тони во споредба со април – мај 2024 година.
УВОЗ НА ГОТОВО СОНЧОГЛЕДОВО МАСЛО ОД СРБИЈА
ПЕРИОД | КОЛИЧИНИ (КГ) | КОЛИЧИНА (ТОН) |
10.04.2024 – 10.05.2024 | 894.153 КГ | 894,1 ТОН |
10.05.2024 – 10.06.2024 | 605.180 КГ | 605,1 ТОН |
10.06.2024 – 10.07.2024 | 720.240 КГ | 720,24 ТОН |
Извор: Царинска управа на Македонија
Србија, заедно со Бугарија се двете најзначајни земји за Македонија од каде што се увезува сурово сончогледово масло.
Горан Теменугов, новинар