Желбата за кариера која не е локациски (а понекогаш и временски) ограничена, станува доминантна кај помладата популација која сè повеќе се решава на чекор да „заплива“ во фриленсерските води.
Успешното „пливање“ е секогаш условено од стекнато знаење преку дообразба и следење на достапните искуства. Голем придонес во овој напор даваат од Импакт Фондација, кои остануваат доследни на мисијата активно да ја поддржуваат и развиваат фриленсерската заедница во земјава.
Следниот во низата настани на кој е предвидено да се споделуваат знаења и искуства, токму за тие што сакаат да бидат фриленсери, ќе се одржи оваа среда (28.02) со почеток од 18:00 часот во Стартап Клуб Скопје (кај “Среќа бар”).
Овој пат, партнери на настанот „Од почетник до успешен фриленсер“ се СКАЛА – Школа за дизајн, кои обезбедија двајца одлични говорници: Горан Стојановски, самиот успешен фриленсер и ментор на курсот „Be free. Be a freelancer“ во Скала, како и Александра Азманова, успешена фриленсерка кој работи како имејл дизајнер во сферата на онлајн трговијата и алумни студент на Академијата за UX/UI дизајн во Скала.
“Во текот на настанот, ќе имате можност да слушнете како успешни фриленсери пливаат во водите на фриленсингот и да дознаете како да го претворите вашиот талент и знаење во успешна кариера без локациски и временски ограничувања.” – посочува Огнен Јанкуловски, координатор на проектот од Импакт Фондација.
Настанот е од отворен карактер и бесплатен за присуство. Единствено, заради логистички причини, потребно е претходно да се регистрирате на следниов ЛИНК.
-Овој настан се реализира во рамки на проектот „Проширување на можностите за претприемништво на младите и економско зајакнување на жените”, поддржан од Амбасадата на САД. Целта на овој проект е да се подобри пристапот на младите до можности за обука и вработување преку промоција на фриленсингот како кариера. Овој проект започна во октомври 2023 и ќе се спроведува до април 2024 година.
Проектот е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторите/ авторите, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.