ПОВЕЌЕ

    Со нови бескаматни кредити ќе се спасува стопанството

    Време зa читање: 3 минути

    Нови 31 милион евра бескаматни кредити преку Развојната банка. Повикот е објавен вчера, а аплицирањето ќе започне на 16-ти декември. Парите се наменети за микро и малите фирми, трговците поединци и занаетчиите, кои во изминатиот период имале пад на приходите од најмалку 20%. Средствата може да се користат за финансирање на тековни потреби, за зголемување на ликвидноста, но и за воведување нови производи и услуги.

    „Во ова трета кредитна линија на барање на занаетчиските комори прв пат е проширен таргетот на кредитната линија и им е дадена шанса и на занаетчиите кои имаат пад на своите приходи најмалку 20 проценти да можат да поднесат барање за кредит со нула проценти камата“, посочи Фатмир Битиќи.

    Директорот на развојната Банка Кире Наумов истакна дека почетниот датум  за доставување на барањата за кредит ќе биде од 16 декември а повикот ќе трае до 30 декември. Кредитите како што напомена Наумов ќе се даваат по принципот” Прв дојден прв услужен”.

    „Минимален износ за кој ќе може да поднесе барање било кој субјект е 3000 евра, а максималниот износ изнесува 5000 евра за трговец поединец и занаетчија,и максимален износ од 15 000 евра  е за микро и мали трговски  друштва“, додава Кире Наумов.

    Ќе има и кредити со грант компонентата од 30 отсто, за претпријатија управувани од жени, млади до 29 години, извознички фирми чии приходи од странство се најмалку 50 отсто и тие од зелена економија, односно кои работата на полето на модернизација, дигитализација и иновации.

    Најголем дел од парите, односно 30 милиони евра се обезбедени преку европските фондови, додека само еден милион се од државниот буџет. Парите не се наменети само за кредити за фирмите, туку европски пари ќе има и за самовработување и отварање нови бизниси преку Агенцијата за вработување на Македонија.

    Кредитите ќе бидат без камата со три години рок на отплата и вклучен грејс до шест месеци. Евро амбасадорот Дејвид  Гир наведе дека доделените 30 милиони евра за оваа најголема досега бескаматна линија се доказ дека Европската унија е најголем помагател на Северна Македонија.

    Третата линија бескаматни кредити е дел од последниот пакет мерки за помош на стопанството и граѓаните.

    Аплицирањето ќе биде исклучиво електронски на е-маил адресата [email protected].

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично