Г-дин Јован Деспотовски, кој од неодамна е прв човек на Дирекцијата за слободни економски зони, во денешното гостување на телевизија ТВ „24“ најави нова американска инвестиција кон средината на месец март.
„Во првата половина од март носиме голем проект, американска инвестиција од Питсбург која вреди 15 милиони долари. Очекуваме да донесе зголемување на извозот од 100 милиони евра и тоа на годишно ниво“, посочи Деспотовски.
Тој потенцираше дека за 45 дена веќе има склучено два нови договори со странските инвеститори, германски Ипротекс и турската компанија Пурпласт. Овие договори се со вредност помеѓу 15 и 16 милиони евра, а дополнително вработуваат десетици наши сограѓани.
Според статистичките податоци и анализи на ТИРЗ, зоните бележат стабилен раст на бројот на вработени, а во моментов тој број изнесува повеќе од 14.000 луѓе.