ПОВЕЌЕ

    БАНКАТА КРИЕЛА 100 СМЕТКИ НА ПОЗНАТИ НАЦИСТИ – Нов скандал го тресе CREDIT SUISSE

    Време зa читање: 5 минути

    Иако веќе е продадена на UBS со интервенција на швајцарската држава, Credit Suisse и натаму ја тресат скандали. Овој, некогаш реномиран, швајцарски банкарски гигант, сега се поврзува со сметки на познати германски нацистички злосторници, односно со заштита на нивната тајност.

    Со децении остана нејасно каква и колкава била врската помеѓу големата глобална банка и поранешниот германски нацистички режим, бидејќи за истрагите немало доволно ни средства ни ресурси. Двата доверливи извештаи објавени во вторникот фрлаат нова светлина врз врските меѓу нацистите и Credit Suisse, откривајќи дека банката имала речиси 100 сметки поврзани со германски нацисти и членови на групи поврзани со нацистите во Аргентина.

    До 2002 година, банката не затворила сметка на поранешен нацистички командант, осуден за време на судењата во Нирнберг, покажаа извештаите. Но, тоа не е единствената таква сметка што Credit Suisse ја одржувала и во овој 21 век. На пример, се до 2020 година во банката постоела сметка на функционер поврзан со нацистите во Аргентина.

    Еврејските застапници долго време тврдат дека банката со седиште во Цирих одиграла поголема улога во поддршката на Третиот Рајх и на неговите највисоки функционери, отколку што беше познато претходно. И, дека банката сè уште може да чува пари што нацистите ги ограбиле од еврејските жртви за време на Втората светска војна.

    Денес Credit Suisse се рангира меѓу 50-те најголеми банки во светот, а историските откритија веројатно ќе го засилат притисокот врз институцијата дополнително да ја истражи нејзината улога во поддршката на нацистите и за време и по војната.

    Комитетот за буџет на Сенатот ги објави двата извештаи во вторникот – Денот на сеќавањето на холокаустот – како дел од истрагата за напорите на самата банка да ги испита сметките поврзани со нацистите.

    Се чини дека Credit Suisse водел сметки, од кои огромното мнозинство претходно не биле откриени, за најмалку 99 лица кои биле или високи нацистички функционери во Германија или членови на групи поврзани со нацистите во Аргентина“, се вели во соопштението за медиумите на американскиот сенатски Комитет. „Седумдесет аргентински сметки со веродостојни врски со нацисти со седиште во Аргентина беа отворени во Credit Suisse по 1945 година, а најмалку 14 од тие сметки останаа отворени во 21 век – некои дури и до 2020 година“.

    Центарот Симон Визентал, еврејска група за човекови права, во 2020 година обелодени дека аргентински истражител во земјата открил список од 12.000 нацисти од времето на војната.

    Откриените записи, велат од Центарот, покажале дека многумина од тие луѓе „придонеле за една или повеќе банкарски сметки во Schweizerische Kreditanstalt“, претходникот на Credit Suisse. Пронацистичките владетели на Аргентина и во раните денови на војната и во годините потоа ја направија јужноамериканската земја популарна дестинација за Германците кои бегаат од правдата.

    Credit Suisse ангажираше форензичка истражувачка фирма за да ги истражи тврдењата и го задржа адвокатот ветеран Нил Барофски да го надгледува процесот, велат сенаторите во соопштението за печатот.

    Но, работите се променија на почетокот од годинава, кога сенаторот од Ајова, Чак Грасли, главниот републиканец во комисијата, „доби веродостојни наводи за потенцијални неправилности поврзани со внатрешната истрага на Credit Suisse, вклучително и сомнителната смена на Барофски кон крајот на 2022 година”.

    Тогаш Грасли и сенаторот Шелдон Вајтхаус (Д-Р.И.), претседавачот на комисијата, почнаа одблизу да ги разгледуваат работите. По повеќе од 30 години, комитетот го издаде својот прв повик за да го добие необјавениот извештај на Барофски.

    Во текот на истрагата, комитетот го добил и извештајот од AlixPartners, истражувачката фирма задолжена за првично разгледување.

    Информациите што ги добивме покажуваат дека банката воспоставила непотребно ригиден и тесен опсег и одби да ги следи новите наводи откриени во текот на прегледот“, изјави Грасли.

    Преку соопштение Центарот Симон Визентал наведе дека работата на комитетот „го осветли мрачното и вознемирувачко минато кое остана надвор од историските записи“. Credit Suisse ги минимизираше наодите. Според нив, истрагата на AlixPartners покажала дека тврдењето на Центарот – многу имиња на аргентинската листа имаат сметки во банката – не се оправдани.

    Во долгата изјава дадена во вторникот, банката го изнесе ставот дека десетиците повоени аргентински сметки „не се релевантни за контекстот на прашањата покренати од Центарот Симон Визентал“.

    Воедно, се додава: „Истрагата, исто така, не најде докази дека осум затворени сметки, идентификувани во овој период, содржеле имот од било која жртва на Холокаустот“.

    Меѓутоа, банката призна дека AlixPartners идентификувала една нова нацистичка сметка од времето на војната, од посебна листа на високо рангирани нацисти обезбедени од Центарот, како и 12 повоени сметки.

    Credit Suisse се согласи да го прошири опсегот на својата контрола, рекоа сенаторите, а AlixPartners ќе изврши „дополнителен преглед“ за да одговори на некои од сè уште неодговорените прашања – како што е вредноста на средствата кај некои од пост-воените нацистички сметки.

    Банката „се обврза дополнително да ја истражи својата очигледна улога во поддршката на нацистите кои бегаат од правдата по Втората светска војна“, велат сенаторите. „Комитетот има намера да продолжи со надзор над ова прашање“, додаваат тие.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично