ПОВЕЌЕ

    НОВ ЦЕНОВЕН ВРВ НА ПАЗАРОТ ЗА НЕДВИЖНОСТИ: Рекордни 182.404 денари по квадрат за стан од 83 квадратни метри

    Време зa читање: 4 минути

    Пазарот на недвижности во земјава во последниот квартал од 2025 година покажува јасни знаци на интензивирање, и по обемот на трансакции и по динамиката на цените. Во периодот од 1 октомври до 31 декември, во Регистарот на цени и закупнини биле евидентирани вкупно 9.283 трансакции, што е за 964 повеќе во споредба со третиот квартал истата година. Овој раст упатува на зголемена активност на пазарот, особено во делот на купопродажбите и закупите на станбен простор.

    Од вкупниот број трансакции, 6.230 се однесуваат на купопродажби на недвижности. Во оваа бројка влегуваат 5.084 класични продажби, 1.094 продажби од инвеститор, 40 откупи од државата, како и 12 трансакции реализирани по пат на лицитација. Во однос на претходниот квартал, бројот на купопродажби е зголемен за 95, што дополнително ја потврдува активноста на пазарот. Закупите, пак, достигнаа 3.053 трансакции на ниво на целата држава, што претставува пораст од 869 закупи во однос на третиот квартал. Податоците покажуваат дека продажбите учествуваат со 55 проценти во вкупниот број трансакции, додека закупите сочинуваат 33 проценти, односно заедно опфаќаат 88 проценти од целиот пазар со недвижности.

    Најголема динамика во текот на кварталот е забележана во декември, кога се регистрирани 3.274 трансакции. Во октомври биле евидентирани 3.212 трансакции, додека ноември бил месецот со најмал обем на активности со 2.797 трансакции. Декември предничи и по бројот на продажби, со 1.863 реализирани трансакции, додека најголем број закупи, 1.106, се регистрирани во октомври. Продажбите од инвеститор, односно новоизградените објекти, најчесто се реализирале токму во октомври, кога биле евидентирани 416 вакви трансакции.

    Во однос на понудата на нови станови, во периодот од октомври до декември 2025 година се регистрирани 1.004 новоизградени станови, односно станови купени директно од инвеститор, што е за 159 повеќе во однос на третиот квартал. Дополнително, во Агенцијата за катастар на недвижности досега се запишани 27.522 листови за предбележување градба, што укажува на значителен број објекти кои се во фаза на изградба и кои во наредниот период ќе се појават на пазарот.

    Цените, пак, продолжуваат да растат. Највисоката постигната цена по метар квадратен во овој квартал изнесува 182.404 денари, за стан со вкупна површина од 83 метри квадратни, што во апсолутен износ изнесува 246.171 евра. Станот се наоѓа на територијата на општина Центар, која и натаму останува една од најскапите и најактивните локации на пазарот на недвижности.

    Географски гледано, најголем број трансакции се реализирани токму во општина Центар, каде што се регистрирани 812 трансакции. По неа следуваат општина Аеродром со 645 трансакции, Штип со 634, Карпош со 472, Битола со 415 и Гази Баба со 410 трансакции. На спротивниот крај се општините со минимална пазарна активност, како Пласница со четири трансакции, Вевчани и Центар Жупа со по пет, Арачиново и Градско со по седум, како и Зрновци со осум трансакции. Во дури 41 општина во државата се регистрирани од нула до 50 трансакции, што укажува на изразена нерамномерност во развојот на пазарот на недвижности.

    Кога станува збор за типот на недвижности, најмногу продадени станови се евидентирани во општина Аеродром, каде што во овој квартал се реализирани 304 продажби. Најголем број продадени куќи се регистрирани во Битола, вкупно 91. Продажбата на деловен простор најинтензивна била во општина Центар со 31 продадена деловна просторија. Во сегментот на земјиштето, најмногу продажби на земјоделско земјиште и шуми се забележани во Куманово со 110 трансакции, додека најмногу продадено градежно земјиште е регистрирано во Ѓорче Петров со 43 продажби. Во истиот период биле продадени и 194 гаражи во повеќе општини низ државата.

    Во делот на закупите, од вкупно 3.053 регистрирани трансакции, најголемиот дел се однесуваат на станови, односно 1.369 закупи. Следуваат закупите на деловен простор со 911 трансакции, закупите на куќи со 399, како и закупите на земјоделско земјиште и шуми со 257 трансакции. И кај закупите најголема активност е забележана во октомври со 1.106 трансакции, по што следуваат декември со 988 и ноември со 959 закупи.

    Растот на пазарот е поткрепен и со податоците од Народната банка, според кои цените на недвижностите во четвртиот квартал од минатата година пораснале за 25 проценти на годишно ниво. Во третиот квартал годишниот раст изнесувал 25,1 процент, по претходниот раст од 19,5 проценти во првиот и 19,9 проценти во вториот квартал. Дополнителен сигнал за засилената градежна активност доаѓа и од Државниот завод за статистика, според чии податоци во ноември биле издадени 304 одобренија за градење, што е за 16,9 проценти повеќе во однос на истиот месец претходната година. Со овие одобренија е предвидена изградба на 761 стан, од кои најголемиот дел, 427, се во Скопскиот Регион.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично