Дел од жителите на Берлин се подготвуваат да се борат против новиот непријател, норвешки милијардер кој се подготвува да купи скоро 4.000 станови.
Ова е најголема инвестиција во недвижен имот во Берлин откако градскиот федерален сенат воведе мерка за спречување на произволно зголемување на закупнината: шведската компанија Хајмстаден Бостад, поддржана од норвешки милијардер, кој во јавноста е познат и како љубител на екстремните спортови, Ивар Толефсен рано во неделата изјави дека има намера да купи 130 станбени згради во Берлин со 3.902 станови, 208 деловни простории и 321 паркинг-простор. Сето ова за 830 милиони евра.
Не требаше долго за да граѓаните почнат да реагираат луто. Еден дел од граѓаните на Берлин е во постојан судир со инвеститорите во секторот на недвижнини. Причината: цените на закупнината во градот буквално експлодираа во последните десет години. Слична е состојбата и во другите германски и европски градови, но проблемот е во тоа што цената на становите во Берлин отсекогаш била многу пониска поради фактот што берлинците отсекогаш заработувале помалку од германскиот просек. Сега тој јаз значително се прошири.
Хајмстаден Бостад гарантира дека неговиот деловен модел е „ориентиран кон клиенти“.
„Имаме долгорочни планови. Ние никогаш не купуваме за да продаваме поскапо. Напротив, ние инвестираме во нашите капацитети и работиме со станари, политички актери и заедници за да создадеме удобни и одржливи населби за пазарот во Берлин “, изјави за ДВ Патрик Хол, директор на компанијата. За нив оваа набавка е нешто како влегување на германскиот пазар. Компанијата поседува станови низ цела Европа и досега, велат тие, немало конфликти со станарите.
Но, многу станари се скептични и покрај уверувањата на компанијата.