
НЛБ банка ја одбележи својата 40-годишнина со меѓународната конференција „НЛБ некст“ на темата „Иднината на банкарството“. Оваа конференција ги стави во фокусот социоекономското влијание и досегашните достигнувања на банката, но и иновациите и дигиталната трансформација, обединувајќи на едно место водечки домашни и меѓународни експерти од банкарскиот и финансискиот сектор, но и професионалци од областа на вештачката интелигенција и новите технологии.
„Европа ја губи трката во технологијата, а демографските промени и миграциите го менуваат лицето на општествата“, предупреди главниот извршен директор на „НЛБ Љубљана“, Блаж Бродњак, на меѓународната конференција.
Во своето обраќање тој потсети дека годинава не се одбележува само 40-годишнината од основањето на „НЛБ Банка Скопје“, туку и 25 години откако „НЛБ групацијата“ стана сопственик на банката во Македонија, како и импресивни 205 години постоење на самата групација. Корените на групацијата, како што нагласи, водат до „Љубљанската штедилница“, основана во 1820 година, која била втора по големина на територијата на тогашната Хабсбуршка монархија.
„Тоа се повеќе од два века банкарска традиција“, истакна тој.
Во своето обраќање Бродњак направи паралела меѓу историската улога на Европа и денешната состојба. По индустријализацијата, потсети тој, Средна Европа била практично центар на светот.
„Денес ситуацијата е сосема поинаква. Европа е подзаспана во стари пари и хедонизам и од 54 водечки технологии не создава веќе ниту една“.
Тој додаде дека Европската Унија веќе не ја игра ниту својата првична улога: ако некогаш тоа беше сојуз за зачувување на мирот, денес, како што рече, гледаме дека тешко може да го зачува мирот, а камоли да работи на зголемување на конкуретноста.
Посебен акцент стави и на демографските трендови и иселувањето, предупредувајќи дека регионот се соочува со сериозни предизвици. Како пример ја посочи Љубљана, за која наведе дека за само 18 месеци претрпела радикални промени во структурата на населението. Ако ова темпо продолжи, предупреди тој, за 20 години ќе има 250.000 луѓе кои нема да доаѓаат од Македонија, Србија, Република Српска или Босна и Херцеговина, туку од Азија.
„Во однос на банкарството, ако ја погледнеме Македонија, ние и понатаму живееме во банкарско-центрична економија. Тоа важи и за добар дел од Средна Европа. Во англо-саксонскиот свет, напротив, силно се развиени пазарите на капитал, таму претприемачите директно пристапуваат до тој капитал, главно преку пазарите на хартии од вредност, а многу повеќе инвестиции и проекти се финансираат токму преку капиталот. Банките таму се ориентирани повеќе кон обртни средства и специфични финансиски услуги, додека кај нас во Европа не е така. Овде банките де факто ја претставуваат кичмата на развојот – имаат најголем удел во финансирањето на инвестициите, големите проекти, производството. Тие не се само класични деловни банки, туку често и наднационални институции. А што значи тоа во нашиот секојдневен живот? Значи дека банките не се тука само да ги земаат штедните влогови и да ги прераспределуваат средствата, како некогаш штедилниците, туку тие средства активно ги насочуваат кон проекти и развојни иницијативи“
Тука се наврати и на познатата изјава на Бил Гејтс дека „ни треба банкарство, ама не ни се потребни банки“, додавајќи дека реалноста покажала нешто друго: банките не само што не исчезнале, туку денес се посилни од кога било во историјата. Тој, сепак, не ги игнорираше предизвиците со кои доаѓаат финтек компаниите и необанкарските институции, туку истакна дека тоа е дополнителен мотив за традиционалните банки да се модернизираат. Како „домашна задача“ ја постави потребата да се подигне нивото на услуга и НЛБ да стане носител на модернизацијата.
Во таа насока Бродњак нагласи дека е особено горд што токму НЛБ се посветени на развојот на современи услуги и така ќе биде и во иднина.
„НЛБ Банка е водечка банка во земјата според кредитирањето на населението“, потенцираше Бродњак, дополнувајќи дека ова останува клучен фокус за целата групација, заедно со поддршката на економијата. Порано безбедноста ја сфаќавме како трезор, ѕидови и каси – многу аналоген свет, каде што ако некој влезе во сефот, знаеш каде е ризикот. Денес, пак, сме во „облак“, не знаеш кој гледа во тој облак и кој се обидува да влезе во него. Злоупотребите и финансиските измами добиваат најразлични форми и димензии, а тоа од нас бара огромна будност и сериозни инвестиции. Во моментов веќе вложуваме повеќе од 10 милиони евра само во сајбер заштита – во превенција и заштита од ризици кои порано воопшто не постоеја. Денес, кога сте на мобилен телефон и добивате пораки или повици, а со појавата на генеративната вештачка интелигенција тие изгледаат речиси целосно автентично, лесно може да помислите дека навистина ви се јавува НЛБ, дека нешто „не е во ред“ и да ги дадете вашите кориснички податоци и лозинка, со што ризикувате да изгубите сè што сте градиле цел живот. За жал, веќе имаме такви случаи и од нив учиме, но и предупредуваме“, истакна Бродњак.
На крајот од своето обраќање, Бродњак испрати и емоционална порака до присутните. „НЛБ Банка Скопје е во моето срце. Можеби нема да бидеме најголеми, можеби нема да бидеме најпрофитабилни, ама сакаме да бидеме оние што најмногу ќе им значат на луѓето“, рече тој.
Аналитика








