НЛБ Банка Скопје заедно со Амбасадата на Република Словенија и Планинарски спортски клуб Скопска Црна Гора во текот на вчерашниот ден ги посетија прекрасните природни убавини на Скопска Црна Гора каде во изминатиот период беше направена сигнализација на планинарските патеки на овој живописен регион во близината на Скопје. Станува збор за област која нуди големи можности за секаков вид рекреација во чистиот и незагаден планински амбиент, далеку од смогот во скопската котлина.
Многу од патеките се посетени во голема мера, но досега честопати се случувало посетителите да се изгубат поради лошата или непостоечка сигнализација и раскрсниците со многу локални селски патеки што ги користи локалното население во оваа областа. За да се избегне ова, беше потребно да се дефинираат и обележат патеките со соодветни планински знаци.
-НЛБ Банка ја поддржа оваа исклучително корисна иницијатива на Словенечката амбасада за жителите на Скопје и околината, но и на сите нас кои живееме тука и сакаме да уживаме во прекрасната природа. Со оглед на растечкиот тренд на активности на отворено и зголемениот број посетители на Скопска Црна Гора, направивме напори рутите за планинари сега да бидат соодветно обележани и поврзани со што комплетно се подготвени за да уживаме во природните убавини на нашата земја, велат од банката.