Зголемен сообраќај и број на патници на двата аеродроми во земјава во првата половина од годинава. Меѓународниот аеродром Скопје и аеродромот Свети Апостол Павле Охрид опслужиле 1.529.451 патник и 12.235 летови. Од скопскиот аеродром најчесто се патувало кон Истанбул, а најбројни се директните летови кон Германија.
Полугодишната статистички податоци на ТАВ Македонија покажуваат дека во првите шест месеци најфрекфентна дестинација од Меѓународниот аеродром Скопје е Истанбул – двата аеродроми ИГА и Сабиха Гокчен со 17,1 отсто пазарен удел. Следат Базел Милуз (6,6%), Франкфурт (5,7%), Цирих (5%), Минхен-Меминген (4,6%), Дортмунд (4,5%) и Виена (3,9%).
Топ-пет земји до кои има најмногу директни летови се Германија со пазарен удел од 26,5 проценти во вкупниот патнички сообраќај. Потоа, Турција со 22,6, Швајцарија со 11,6, Италија со 5,4 и Шведска со 4,2 отсто.
Што се однесува до бројноста на патниците, во споредба со истиот минатогодишен период е зголемена за пет насто. Кај летовите, пак, има раст од три насто, информираат од ТАВ Македонија.
Во тие рамки, скопскиот аеродром има годишен пораст за 4,47 насто. Во првите шест месеци преку него се превезени 1.423.039 патници. Охридскиот аеродром бележи двоцифрен раст од високи 10,9 проценти со превезени 103.792 патници од јануари до јуни.
„Задоволни сме што во првите шест месеци годинава бележиме стабилен пораст на патничкиот сообраќај за што придонесоа 8-те нови редовни авиолинии кои ги отворивме од почетокот на 2025 година досега од скопскиот и охридскиот аеродром, во соработка со авиокомпаниите и Владата како наш партнер. Амстердам (Transavia), Париз-Орли (easyJet), Лион (Wizz Air), Барселона (Wizz Air), Анкара (Ajet), Чукурова (Ajet) и Дијарбакир (Ajet) од Скопје и Истанбул (Turkish Airlines) од Охрид. Покрај редовните и сезонските авиолинии, кон порастот придонесоа и до крајот на годинава ќе продолжат да придонесуваат и чартер-линиите на Фрибрд (Freebird) кои носат туристи од 13 европски градови“, вели генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт.
Притоа, нагласува дека раководството на ТАВ Македонија продолжува да работи на отворање нови авиолинии и на привлекување нови авиокомпании. Целта е да почнат да летаат од македонското тло, со што ќе се создадат повеќе можности за патување на граѓаните од земјава и од соседството.
„Врз основа на барањата на патниците, целиме кон туристички дестинации на шпанското и италијанското крајбрежје, како и европски престолнини важни за нашите економски, дипломатски и културни врски со земјите на поврзување”, посочи Курт.
Како што потенцира, ТАВ Македонија очекува стабилниот пораст на патничкиот сообраќај да продолжи и до крајот од годината, а специјален позитивен стимул кој ќе придонесе кон годишните бројки на кумулативен авиосообраќај секако ќе има летниот период. Во оваа насока, истакнува Курт, само во јуни скопскиот и охридскиот аеродром имале за 12 насто повеќе патници (324.285) во однос на истиот период во 2024 година.