Само од 2008 па заклучно со оваа 2025 година, од државната каса излегле 62,07 милијарди евра. Сумата е пресметана врз база на основните буџети, без ребалансите што се неизоставна практика. Што добија за возврат државата и граѓаните?
Буџетот за 2026 година е историски по две основи. По износот од 6,7 милијарди евра предвидени за трошење. И, по брзото усвојување. Расправата по документот, што според важноста има тежина на финансиско-економски устав, се одвиваше во нешто повеќе од еден ден. Формално, во текот на два работни дена. Веројатно, пратениците сметале дека доволно кажале претходно во рамките на матичната Комисија за финансирање и буџет.
Епилогот е експресна трансформација од предлог дополнет во официјален Буџет 2026, а дадените 71 глас „за“ ѝ обезбедија виза на власта да располага со државната каса според приоритетите што ги зацртала. Притоа, создавајќи дефицит од околу 640 милиони евра (3,5 % од БДП), затоа што планирани се приливи од 6,1 милијарда евра.
Низ годините, пред усвојувањето на буџетите имаше долги дебати, во Собранието се остануваше и во ноќните часови, затоа што пратениците ја „чешлаа“ секоја ставка. Во одбраната и докажувањата на различните мислења имаше и кавги и инциденти. Дури се случи и насилно исфрлање на опозицијата и на новинарите од салата и од галеријата, како што беше случај на 24 декември 2012 година („црн понеделник“), иницирано од претставниците на тогашното мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ.
Буџетите секогаш биле проследени со бурни реакции. И така го привлекувале вниманието на јавноста. Наспроти тоа, истата таа јавност не пројавува голем интерес за аспектот на (не)оправданоста во буџетската реализација. Поедноставно, за тоа на што и за што властите ги трошат нивните пари.
А, се работи за многу пари. Само од 2008 па заклучно со оваа 2025 година, потрошени се 3.817.125.812.000 денари. Или, 3 билиони 817 милијарди 125 милиони 812 илјади денари. Еднакво на 62,07 милијарди евра. Сумата е пресметана врз база на основните буџети. Без ребалансите, што значи дека бројките се многу поголеми.
Во тој период, повторно според основните буџети, на приходната страна, од даноци, придонеси… наплатени од граѓаните и од компаниите, биле прибрани повеќе од 3,44 билиони денари, односно 56,03 милијарди евра.

Сите овие податоци се застапени на веб-страницата од Министерството за финансии. За жал, во базата нема информации за периодот од осамостојувањето па сѐ до 2008 година. Извесно е дека државната каса во континуитет се проширувала и зголемувала.
Сепак, во буџетската историја има интересни моменти. Првиот буџет во независна Република Македонија бил проектиран на 75,9 милијарди југословенски динари. Во денешна вредност, станува збор за околу 1,2 милијарди евра. Беше донесен на 2 април 1992 година. Предлогот го носи потписот на првиот министер за финансии Методија Тошевски. По усвојувањето, документот е потпишан од претседателите на Собранието, Стојан Андов, и на државата, Киро Глигоров.
Исто така, не секогаш се создавал буџетски дефицит. Потврда за тоа дава Указот за прогласување на завршната сметка на Буџетот на Република Македонија за 1994 година. Тука, децидно е наведено: биле планирани приходи од 49.458.000.000 денари, а реализирани се 47.746.653.428 денари; од планираните расходи од 49.458.000.000 денари, реализацијата изнесувала 46.588.084.967 денари. „Разликата меѓу остварените приходи и извршените расходи, во износ од 1.158.568.461 денар, се пренесува како приход на Буџетот на Република Македонија за 1995 година“, наведено е во Указот потпишан од претседателот Глигоров и од собранискиот потпретседател Тито Петковски. Документот е објавен во Службен весник на 14 септември 1995 година.
Дел од македонската практика е претставниците на власта да убедуваат дека буџетот е развоен, базиран на реалните потреби, со посебен осврт на контролата на секој еден потрошен денар. А, опозиционерите да критикуваат за неоснованост на проекциите, за безидејноста и неспособноста на владејачките гарнитури. Кога од сите тие полемики и надгласувања би произлегувале конструктивни предлози и идеи и би имало кооперативност, можеби немаше да зборуваме за руинирано општество. За намалено и недоволно сопствено производство, ниска продуктивност, потценувачки плати и пензии. За тоа како се живее во најсиромашната земја во Европа. За земја без земјоделци, без медицински персонал, без работници… За илјадници иселени. За корупцијата и неказнивоста со епски размери… Ќе немаше ни потреба да се чудиме и прашуваме: Колку ли болници, училишта и градинки ќе се изградеа, какви патишта ќе имавме, колку нови фабрики ќе работеа, како ќе растеше економијата, колкав ли ќе беше стандардот… ако тие стотина милијарди евра беа наменски потрошени?
М.А.
Аналитика








