ПОВЕЌЕ

    НИТУ ЕДНА ОПШТИНА НЕ ГО ИСПОЛНУВА СТАНДАРДОТ ЗА ЗЕЛЕНИЛО: Од 34 урбани општини, само 12 предвиделе 25 м2 зелени површини по жител, покажа ревизорскиот извештај

    Време зa читање: 6 минути

    Мерките и политиките на централната и локалната власт не обезбедуваат ефикасно планирање на зелената инфраструктура во градовите. Генералните урбанистички планови на 22 општини со градско јадро не го исполнуваат препорачаниот стандард за озеленетост од 25 м2 по глава на жител, а споредбата на зелените површини кои се одржуваат и ново подигнатите зелени површини во корелација со бројот на жители согласно пописот од 2021 година укажува дека ниту една општина не го исполнува стандардот предвиден со Законот за урбано зеленило, се вели во ревизорскиот извештај за состојбите со урбанистичкото планирање на зелената инфраструктура во градовите, објавен денес од Државниот завод за ревизија.

    Државниот завод за ревизија изврши ревизија на успешност на тема „Урбанистичко планирање на зелената инфраструктура во градовите“ со цел да се даде одговор на прашањето „Дали мерките и политиките на централната и локалната власт обезбедуваат ефикасно планирање на зелената инфраструктура во градовите?

    Во ревизорскиот извештај се наведува и дека било извршено снимање со дрон на повеќе локации и во повеќе градови и снимките покажуваат дека централните градски подрачја на градовите не содржат доволно јавни зелени површини кои ќе служат за намалување на загадувањето, затоплувањето на атмосферата и чиста животна средина.

    Наодите на ревизорите се загрижувачки. Општина Чаир и Кисела Вода учествуваат само со 3% од урбаното зеленило на Град Скопје. Иако во ГУП на Штип се предвидени 16,9% зелени површини, преку ЈКП „Исар“ од Штип се одржуваат 8,97 ха што претставува само 0,39% од површината на генералниот урбанистички план 2.292 ха.

    Актуелниот ГУП на Тетово е со плански период од 2003-2013 година и истиот предвидува 12,4% зелени површини. Карактеристично за Тетово е што нема градски парк.

    Масовната урбанизација на просторот, долгите постапки за донесување на урбанистички планови, недонесените годишни програми за подигање и одржување на зеленилото, финансирањето на урбанистички планови од приватни лица, не изрекувањето на глоби спрема прекршителите, придонесуваат да не се исполни препорачаниот стандард на озеленетост  во градовите.

    Дека негрижата за обезбедување на зелени површини за своите граѓани, неопходни за нивното здравје и благосостојба е фрапантна, покажуваат и ревизорските наоди според кои општините немаат обезбедено доволно средства за одржување на јавни зелени површини со оглед дека 80% немаат донесено одлуки за наплата на надоместокот за одржување на зелени површини, а само 20-30% ги наплатуваат комуналните такси за користење на јавни зелени површини и поставување на рекламни паноа на зелени површини, додека 59% од општините не издвоиле средства за подигнување на нови зелени површини во периодот од 2020-2024 година.

    Со опфатот и доказите кои беа обезбедени по пат на примена на ревизорската методологија и техники, ревизорите стекнаа разумно уверување дека мерките и политиките на централната и локалната власт не обезбедуваат ефикасно планирање на зелената инфраструктура во градовите.

    Како значаен проблем ревизорите ја посочуваат поделбата на дејноста просторно и урбанистичко планирање и некоординираноста на надлежните институциите, што резултира со недостаток на правна рамка што ќе го уреди просторното планирање и зелената инфраструктура, а со законските решенија за утврдување на правен статус на бесправно изградените објекти се нарушува системот на урбанистичко планирање.

    Во услови кога донесувањето на нов Просторен план како највисок стратешки документ на државата доцни повеќе од четири години, имајќи ги во предвид настанатите суштински промени во општествениот, економскиот, демографскиот и просторниот развој, постојниот Просторен план не претставува добра основа за дефинирање на стратешките и планските документи во државата од пониско ниво, кои во периодот од 2021 до 2024 година се донесуваат врз основа на не ажурирани податоци и информации и не соодветствуваат на состојбите во државата.

    Поради слабости во дефинирање на надлежностите на институциите и органите инволвирани во процесот и не воспоставената институционална соработка и координација, паралелно се водат и одржуваат два информациски системи кои не ги споделуваат во целост податоците во Национална инфраструктура на просторни податоци.

    Од 34 општини со седиште во град само две општини (Град Скопје и Општина Охрид) имаат донесено стратегии за развој на зеленилото, Зелен катастар во форма на ГИС портал имаат три општини (Град Скопје, Кавадарци и Охрид), а 18 општини не ја испочитувале обврската за донесување на годишни програми за подигање и одржување на зеленилото, што укажува на немање долгорочна визија, цели, активности и индикатори за следење на урбаното зеленило на локално ниво.

    Постапката за донесување на урбанистички планови се врши преку електронски систем е-урбанизам, но поради комплексноста, обезбедувањето на мислења од 22-30 институции / установи и правни лица, должината на законски утврдените рокови и нивното недоследно почитување, од вкупно 34 општини со седиште во град, 8 општини (23%) имаат важечки ГУП, 24 општини (71%) имаат ГУП со изминат плански период, а две општини (6%) воопшто немаат донесено генерален урбанистички план. Генералните урбанистички планови на 14 општини се донесени по изминување на 3 до 5 години од планскиот период за кој се однесуваат, со што градовите не се во можност да ги разработат со детални планови за времетраење на периодот.

    Во периодот од 2020-2024 година, 77% од постапките за донесување на ДУП во системот е-урбанизам не се завршени, поради не почитување на законски утврдениот рок за траење на постапката до 18 месеци која за одредени општини трае и до 4 години.

    Изборот на урбанистички планови и проекти на општините кои ќе се финансираат од годишните програми за финансирање на урбанистички планови, донесени од Владата на Република Северна Македонија во периодот 2020-2024 година е извршен на нетранспарентен начин, додека недоволната информираност и незаинтересираноста на граѓаните за учество во постапките за донесување на урбанистички планови, како и финансирањето на плановите од страна на заинтересираните правни и физички лица со 48% во годишните програми на општините довело до тоа приватниот да надвладее над јавниот интерес.

    Ниту централната ниту локалната власт немаат обезбедено ефикасен мониторинг и контрола кога е во прашање заштитата и унапредувањето на зелените површини во македонските градови, е еден од заклучоците на ревизорскиот извештај. Системот за инспекциски надзор во кој комуналниот инспектор е вработен во општината, а треба да изрече глоба за неодржување на зелените површини на јавното претпријатие основано од општината и за не воспоставен зелен катастар на општината, не е ефикасен и не ја постигнува целта за која е воспоставен. Во такви околности инспекторите не изрекуваат глоби за прекршителите, кои ионака се многу мали, што придонесува зеленилото да се уништува, да не се одржува и да не се заменува со ново зеленило.

    Ревизорскиот извештај зборува и за улогата на Министерството за животна средина и просторно планирање кое не превзема активности за воспоставување надзор над општините во делот на спроведувањето на законските одредби за урбано зеленило и не е обезбедило континуирано следење на состојбите и промените во просторот, додека годишните извештаи за степенот на спроведување на просторниот план на државата се изработени со нецелосни податоци за фактичката состојба, а во периодот од 2021 – 2024 година, воопшто и не се изработуваат. 

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично