Со 2.056 акции се заокружија минатонеделните нетрговски трансфери, издадени од десет котирани друштва. Најголемиот дел од нив се обични акции.
Според податоците од Централниот депозитар за хартии од вредност, овие активности минатата седмица почнале и завршиле со преноси на фармацевтските акции. Алкалоид три пати е заведен во статистиката со 110, со 30 и со 33 обични акции. Единечната цена за акција е 26.175 денари.
На двапати се трансферирани хартиите од вредност на две друштва. На Македонија осигурување АД Скопје – Виена Иншуренс Груп – прво 20, па уште 100 обични акции. На Берзата не се тргува многу со оваа акција, има пет трансакции во последните 52 недели, а просечната цена е 1.426 денари.
Минатиот понеделник биле подарени 120 обични акции од Комерцијална банка, а во средата 75. Просечната вредност на најтргуваната акција е 28.399,65 денари (состојба од 5 септември).
Со бројноста, овојпат доминираат акциите на Макстил АД Скопје. Се работи за 900 обични акции, чија просечна вредност е 138 денари, постигната на последното тргување регистрирано минатиот петок.
Минатата недела биле трансферирани и 408 акции на Македонски Телеком и 160 на Макошпед АД Скопје.
Во статистиката се забележани обични акции издадени од велешки Димко Митрев, 43 на број, па 24 на Макпетрол, 20 на Раде Кончар- Апаратна техника, како и 10 обични акции со знакот на Гранит.
Трансферирни се и три приоритетни акции на Стопанска банка Скопје.