Вкупно 5.094 акции на котирани минатата недела друштва го смениле сопственикот по пат на нетрговски трансфер. Се работи за обични акции на осум компании и две банки. Ударен ден бил први февруари со пренесени 3.240 акции.
Работната недела почнала со скромна активност. Нетрговски се трансферирани 48 акции на НЛБ банка, покажуваат податоците од Централниот депозитар за хартии од вредност, објавени на Македонска берза.
Засилено темпо следи веќе наредниот ден. Извршен е пренос на 25 обични акции од скопски „Макпетрол“ и на 1.523 издадени од Комерцијална банка. Сѐ на сѐ – 1.548 акции.
Почетокот на февруари носи раздвижување кај нетрговските трансфери – 3.240 акции ја менуваат сопственоста на овој начин – како подарок, наследство или поради друга причина овозможена со закон.
Станува збор за 881 обична акција на „Макстил“, 39 на РЖ „Интер-Трансшпед“, 766 на „АрцелорМиттал“ (ХРМ), 15 на РЖ „Техничка контрола“, 42 на „Уготур“, 37 на РЖ „Економика“, 183 на РЖ „Услуги“. Рекордер на денот е „Либерти“. Пренесени се 1.277 обични акции емитувани од таа компанија.
Работната недела завршува со „повторени“ трансфери, каде што доминираат преносите на акции од друштвата произлезени од некогашна Железара: 21 акција на РЖ „Економика“, 22 на РЖ „Интер-Трансшпед“, 178 на РЖ „Услуги“ и 9 на РЖ „Техничка контрола“. Освен овие, процесот на нетрговски трансфер го минале и 23 обични акции на „Уготур“ и пет на „Макпетрол“.