ПОВЕЌЕ

    Нетрговски трансферирани 1.236 акции, повеќе од половина се на Македонски телеком

    Време зa читање: 2 минути

    Минатонеделните нетрговски трансфери се заокружиле со 1.236 акции, бројка која најчесто соодветствува на дневен резултат од оваа активност. Сите се обични, а издадени се од шест друштва кои котираат на Македонска берза. Овојпат најподарувани биле акциите на Македонски телеком.

    Во два наврати се подарени вкупно 731 акција од телекомуникацискиот оператор: во вторникот 373 и во средата 358 обични акции. Нивната заедничка вредност е нешто над пет илјади евра, со оглед на тоа што просечната цена за акција на Македонски телеком е 423 денари.

    Според бројноста, следуваат акциите на Гранит. Во седмичната статистика на Централниот депозитар за хартии од вредност се заведени 382 обични акции. Берзанските податоци велат дека оваа акција има ценовен просек од 1.740 денари, што е состојба од 6 август, кога е извршено последното тргување.

    Со акциите на Аутомакедонија не се тргува многу – десет трансакции во последните 52 недели, но зачестија во нетрговските трансфери. Мината среда е забележан пренос на 75 обични акции. Инаку, нивната просечна цена е 3.120 денари.

    Како подарок или наследство се дадени 30 обични акции на Тетекс АД Тетово, чија просечна единечна цена е 2.457 денари. Со овие акции имали 52 тргувања во 52 седмици.

    Сопственоста по нетрговски пат е пренесена и кај 12 обични акции на Макпетрол АД Скопје. Ако се има предвид дека просечната цена за акција е 116.000 денари, овој подарок има вредност од над 22.600 евра. Воедно, се работи за една од петте најтргувани акции на Македонска берза.

    Минатата недела се трансферирани и шест акции со знакот на Титан Усје. Секоја од нив чини по просечни 43.001 денар.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично