Акции на 13 друштва минатата недела го минале процесот на нетрговските трансфери. Подарени се вкупно 3.807 акции.
Во забележаните активности од страна на Централниот депозитар за хартии од вредност, акциите на две друштва се појавуваат по двапати. Најбројни се акциите на Тетекс АД Тетово, вкупно 1.128, а трансферирани 52, па потоа 1.076 обични акции. Нивната просечна цена е по 2.194 денари, односно сета оваа количина вреди над 40 илјади евра.
Преносот кај хартиите од вредност на Либерти АД Скопје е направен – 400 во понеделникот и утредента уште 493 обични акции. Просечната цена е 10 денари за акција.
Единствените банкарски акции во трансферите се на Стопанска банка Битола. Се работи за 430 обични акции, чија просечна цена од последното тргување на 4 јуни, е 3.230 денари. Сегашната вредност на овој подарок е 22,6 илјади евра, а доколку се продадат на српската Алта банка (3.777 денари) ќе биде 26,4 илјади евра.
Со знакот на Македонски Телеком се 373 обични акции. Со оваа акција последно се тргувало во петокот, при што цената е 440 денари.
Гледано по бројност, следуваат акциите на Макстил. Пренос на сопственоста е направен на 341 обична акција. Берзанските тргувања не се многу чести, во последните 52 недели имало 221, а последното било на 12 месецов. Просечната цена е 138,06 денари за акција.
Иако друштвото е долгорочно суспендирано од котација, акциите на АрцелорМиттал (ХРМ) се меѓу тие кои речиси редовно ги има во оваа статистика. Овојпат се застапени со 296 обични акции.
Во минатонеделните трансфери се и 160 акции издадени од Алкалоид. Со оглед на просечната цена од 26.194,71 денар, овој подарок вреди над 68 илјади евра.
Трансферирни се и 100 акции на Хотели Метропол АД Охрид. И со нив нема многу тргувања (26 во 52 недели), просечната цена од 295 денари датира од 2 септември.
Реализирани се уште шест нетрговски трансфери со помали колични акции. Тука се Тетекс АД Тетово со 52 обични акции, Аутомакедонија АД Скопје со 33 и Уготур АД Скопје со 17 акции. Исто така и трите компании со предзнак РЖ: Економика и Интер-Трансшпед со по 15 обични акции, како и Техничка контрола со 6 обични акции.