ПОВЕЌЕ

    НЕМА ЖИВЕАЧКА БЕЗ ИЛЈАДА ЕВРА: Трошоците во декември 62.861 денар или скоро три минимални плати за една кошница

    Време зa читање: 4 минути

    Една и пол просечна и уште малку па три минимални плати се потребни за задоволување на најосновните потреби содржани во минималната синдикална кошница, која за декември изнесува 62.861 денар. А, за еден месец доби на тежина дополнителни 840 денари.

    Тоа е за семејствата со свој покрив над глава. За оние под кирија, со изнајмени 60 квадратни метри, кошницата брои 78.236 денари.

    Најголемите трошоци – 36,7 отсто, се за храна и пијалаци. Пресметките на Сојузот на синдикатите на Македонија покажуваат дека просечното четиричлено семејство за најосновните потреби месецов потрошило 23.075 денари. Што, пак, го надминува износот на минималната плата.

    Понатаму, за режиските трошоци, односно за станарина, вода, електрична енергија и греење се одвоени 6.020 денари или 9,6 отсто. За облека и обувки – 5.728 денари, што претставува 9,1 отсто од декемвриската кошница. А, за транспорт 7,5 проценти или 4.727 денари.

    Синдикалците пресметале дека за лична и за одржување на хигиената во домот минимум се потребни 2.087 денари (3,3%). Вообичаено, најмалку пари се даваат за здравје. Само 1.135 денари, кои во структурата на кошницата партиципираат со 1,8 проценти.

    Што се однесува до другите неопходности – комуникациите на четиричленото семејство месецов зафаќаат 5,4 отсто, што е еднакво на 3.417 денари. Рекреацијата и културата чинеле 4.458 денари (7,1%), а образованието 6.984 денари (11,1%). За ресторани и хотели се потребни 4.131 денар и 6,6 отсто, а за останати стоки и услуги – 1.100 денари или 1,7 отсто.

    Четиричленото семејство што живее во изнајмен стан мора да смета на трошок од дополнителни 21.395 денари.

    Мерките за ограничување на маржите и на цените, треба да се почести, сугерираат од ССМ.

    „Забележително е дека од септември, кога беше воведена првата мерка од страна на Владата за ограничувањето на маржите и со последната мерка, односно акција за намалување на цените за најмалку 10 отсто, тие даваат резултат. Делот на храната и пијалоци во синдикалната минимална кошница, кој за декември изнесува 23.075 денари, спореден со септември 2024 година (23.034 денари) е зголемен за 41 денар, со што се потврдува дека мерки се потребни почесто, имајќи предвид дека од страна на трговците се злоупотребува секоја прилика за да се богатат на грбот на граѓаните и работниците“, посочуваат од ССМ.

    Како што велат, загрижувачки е што трговците повторно го искористија периодот пред стапување на сила на последната акција и евидентно ги зголемија цените. Како пример се наведува податокот дека вредноста на синдикалната минимална кошница за храна и пијалоци за 63 основни производи е зголемена за 397 денари, наместо да има намалување од минимум десет отсто.

    „Сојузот на синдикатите на Македонија бара мерките да траат подолго, за Владата значително да придонесе за зачувување на животниот стандард на граѓаните, а следната мерка да биде без за неа да бидат информирани трговците и стопанствениците, за да не направат повторно злоупотреби на грбот на граѓаните и работниците“, предлагаат синдикалците.

    Што се однесува до синдикалните мерења, одамна е апсолвирано дека нема живеачка, најосновна, без илјада евра. Во однос на ноември, кошницата е поскапа за 840 денари или за безмалку 14 евра. Наспроти тоа, просечната плата во октомври, споредено со септември, е повисока за 549 денари, што значи за некои девет евра. Во септември просекот бил 41.585, а во октомври 42.134 денари.

    Годишниот раст, пак, на минималната плата беше 2.392 денари. Актуелниот минималец е 22.567 денари. Доколку двајцата возрасни од четиричленото семејство ги имаат овие примања, тогаш ќе мора да ги одредат приоритетите, затоа што во домашниот буџет имаат кусок од 17.727 денари.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично