За утрово од осум до 10 часот е најавен протест на вработените во Македонска пошта, кои своето незадоволство ќе го изразат пред Дирекцијата и во сите подружници на оваа установа. На овој начин се бара исплата на платата за февруари, но и се искажува загриженост за состојбата во претпријатието, која е алармантна.
Акционерското друштво е доведено во финансиска криза, па од Синдикатот нагласуваат дека вработените стравуваат за опстанокот на Македонска пошта, за своите работните места и за егзистенцијата на нивните семејства.
„На протестот вработените ќе го изразат револтот и загриженоста од сериозноста на состојбите во која е доведена АД Пошта предизвикани од финансиската криза, крајно лошата организација во работењето, необезбедени услови и средства за работа, а најголемата загриженост и револт кај вработените е предизвикано од грубото непочитување на работничките права од страна на работодавачот. Односно, работодавачот и покрај законската обврска за редовна исплата на плата, не им исплати плата на работниците во законскиот рок до 15-ти во месецот, за февруари 2024 година, доведувајќи ги работниците до работ на егзистенција и неможност за обезбедување пристоен живот на нивните семејства. Со тоа работодавачот го прекрши елементарното работничко право на плата и непочитување на достоинството на работниците“, се вели во пишаната изјава на претседателот на Синдикатот на Македонска пошта, Боро Велигденов.
Неизвесно е како ќе се исплаќаат платите во наредниот период, а и комуникацијата со раководството е отежната.
„Комуникацијата со раководството е на многу ниско ниво, немаат слух за проблемите на своите вработени и не се придржуваат до договорените ставови, права и обврски. Сите досегашни средби со менаџментот не вродија со плод, односно немање спремност за реформирање и реорганизање на друштвото кое е повеќе од потребно, токму затоа принудени од актуелната ситуација, огромната неизвесност за иднината на нашата компанија и зачувување на работните места, вработените – членови на синдикатите својот револт и незадоволство ќе го искажат на општ протест“, наведуваат од Синдикатот, од каде што најавуваат дека по завршувањето на протестот, во 10 часот ќе биде одржана прес-конференција пред Дирекцијата на Поштата.
Проблемите во Македонска пошта не се нови. Се таложат со години наназад, при што чести се и смените на раководните гаритури кои доаѓаат од редовите на владејачките коалиции, во кои доминантни се оние од ДУИ. Во последниот состав на Управниот одбор се претседателот и генерален директор Идри Истрефи, неговиот заменик Ненад Јосевски, директорот за правни работи, човечки ресурси и корпоративни функции, Сашо Пецалевски, директорот за економски и финансиски работи, Авдил Битиќи, директорот за поштенски операции, Мерсел Садику и директорот за информатичка технологија, Дино Дрпљанин.
Никој од нив нема претходно искуство во областа на поштенската дејност. Од она што може да се прочита на веб-страницата на Пошта, Истрефи е електроинженер и има сертификат за безбедност при работа, а кариерата ја гради како претседател на Советот на Општина Велешта, член на Советот на ЗЕЛС и како вработен во ЕСМ. Јосевски е економист со диплома од Универзитетот за туризам и менаџмент, работел во ЈПАУ „Македонија“ и во ТАВ Македонија. Пецалевски е правник со положен правосуден испит, работел во Јавното комунално претпријатие „Пролетер“ и во ВРО „Водостопанство Преспанско езеро“, бил претседател на НО на ЈП „Македонска радиодифузија“ и секретар на Општинската изборна комисија, но и виш соработник за образование и култура во Општина Ресен. И Битиќи е економист, бил професор во СУГС „Арсени Јовков“, а координирал проект за училишта од Министерството за образование и наука. Садику е професор по историја, се образувал на Факултетот за историја и филологија во Елбасан, во струката бил активен како наставник, а потоа и директор на ОУ „Башкими“ во Гостивар. Економист е и директорот за ИТ, Дрпљанин, кој претходно бил спроведувач на теренски анкети, организатор на туристички тури, но и консултант за странски клиенти за правни совети и помош, за давање инвестициски идеи и развој на бизнис планови.
За вработените во Пошта, пак, нема речиси ништо. Пребарувањето води до веб-страницата на Агенцијата за пошти, каде што има податок за 2022 година.
„АД ‘Пошта на Северна Македонија’ во 2022 година оствари вкупен обем од 28.256.214 поштенски пратки, односно во рамки на универзалната услуга остварени се 27.874.656 пратки односно 98,7% од вкупно остварениот обем. Вкупиот број на вработени изнесува 1.998, што значи дека АД ‘Пошта на Северна Македонија’ е најголемиот работодавач на поштенскиот пазар со 64% од вкупниот број на вработени лица во поштенскиот пазар“.
Дали бројот на вработените е под или над две илјади, не се знае, но поштенските синдикалци низ годините предупредуваа дека администрацијата е прекубројна, за сметка на шалтерските работници и поштарите кои се дефицитарни.