За 41,3 милиони евра се зголемени официјалните девизни резерви, што е двојно помалку од растот што го имале еден месец претходно. На крајот од август се на ниво од 4.469,8 милиони евра, информираат од Народната банка. За споредба, на последниот ден од јули беа во износ од 4.428,5 милиони евра.
Во осмиот месец нема промени во нивната распореденост. Најголем дел од девизните резерви – 59,6 проценти се пласирани во хартии од вредност. Потоа со 29,1 проценти следуваат валутите и депозитите, а 11,2 отсто се чуваат во монетарно злато.
Девизните резерви, по дефиниција, се средства веднаш достапни и расположливи за монетарната власт, во чија надлежност е и контролата врз нив. Служат за финансирање на платниот биланс преку интервенција на девизниот пазар. Пред сѐ, за да се влијае врз девизниот курс, како и за други цели. Во суштина, основната функција им е да ја заштитат економијата од негативни надворешни шокови, за редовно сервисирање на надворешниот јавен долг и интервенции на девизниот пазар.