ПОВЕЌЕ

    НЕКОГАШ ДЕСНА РАКА НА ГРУЕВСКИ, ДЕНЕС НЕЗАВИСЕН ЕКСПЕРТ: Зоран Ставревски иден гувернер?

    Време зa читање: 4 минути

    Зоран Ставревски како независен експерт е изборот на ВМРО-ДПМНЕ за иден гувернер на Народната банка, е веста што ја пренесоа одредени домашни медиуми, кои се повикуваат на партиски извор. Како аргумент се наведува неговото претходно искуство како министер за финансии во владите на Никола Груевски и работниот ангажман во Светската банка.

    Гувернерската функција подразбира независност, па во случајот на Ставревски, чии линии на поврзаност со ВМРО-ДПМНЕ се длабоки, се посочува и аргументот дека нема партиска книшка. Инаку, последната негова работна задача, официјално соопштена, беше контрола на градоначалниците од редовите на таа партија. Работното тело се формираше во 2021, а во тој состав освен лидерот Христијан Мицкоски како предводник, беа Ставревски и Оливер Шамбевски.

    Исто така, тој беше и лик од серијалот „бомби“, односно од прислушкуваните телефонски разговори што своевремено ги „испука“ некогашниот лидер на СДСМ, Зоран Заев.

    Ставрески, кој во својата кариера има и десетгодишен стаж како владин вицепремиер, е потврден како економист, кој има и магистратура на тема „Избор на оптимална монетарна стратегија и инструменти – случајот на Република Македонија“. Но, меѓу другото се памети и како кум на Груевски и како дел од „црниот понеделник“ – 24 декември 2012. Кога расправата за буџетот 2013, предложен и бранет од него во функција на министер, кулминираше со насилно исфрлање на опозициските пратеници од собраниската сала. А, потоа и на новинарите. Буџетот, секако, беше усвоен.

    Дали во правец Ставрески како иден гувернер се движат партиските размислувања, па сега се пуштаат пробни балони како своевиден тест за реакциите на јавноста, не е извесно. Ни владејачката гарнитура сѐ уште не е официјално составена, иако според спорадичните информации, веќе е договорен и третиот ешалон. А, мандатот на актуелната гувернерка на НБРСМ истекува идната година.

    Впрочем, седумгодишниот мандат не е утврден случајно. Односно, намерата е, ако не сосема да се спречат, да се ограничат во најтесната можна рамка, партиските влијанија при изборот и именувањето предводник на македонската централна банка. Предлогот го дава претседателот на државата, а понатаму активноста се води и заокружува од страна на актуелниот парламентарен состав. Законот го предвидел сето тоа затоа што гувернерската функција во светот на финансиите има тежина на претседател на државата, а Народната банка е една од најважните и највлијателни институции.

    Независноста на Народната банка е утврдена во членот 5 од Законот, каде што пишува:

    „Народната банка е независна при постигнувањето на целите и задачите и е одговорна под услови и на начин утврден со овој закон.

    Народната банка, членовите на Советот на Народната банка и вработените во Народната банка не смеат да примаат и да бараат инструкции од органите на државната власт, органите на општините, органите на градот Скопје и од кои било други правни и/или физички лица“

    Во продолжение се додава дека независноста на Народната банка се почитува во секое време и ниту еден од претходно споменатите органи и лица „не смее да влијае на членовите на Советот на Народната банка и вработените во Народната банка при извршувањето на нивните функции, односно работи, ниту на активностите на Народната банката“.

    Исто така, Законот ја штити и самостојноста на гувернерот и на вицегувернерите. Во критериуми за нивен избор, застапени во членот 50 се вели:

    „Гувернерот и вицегувернерите на Народната банка се професионално ангажирани во Народната банка, не смеат да имаат друг работен ангажман без оглед дали за тоа добиваат надоместок или не, освен ангажман како универзитетски професор или ангажман во научно-истражувачка институција, или времен ангажман во меѓународна финансиска институција, не смеат да бидат сопственици на 5 или повеќе проценти од капиталот во финансиска институција во Република Македонија и за време на мандатот не смеат да бидат членови на политичка партија или синдикат“.

    Ова е од особено значење затоа што гувернерот со својот тим будно ги следи макроекономските движења, прави проекции за веројатните текови, под „капа“ го има банкарски сектор, дава и одзема дозволи. Главен чувар е на девизните резерви и пред сѐ на денарот, на неговите цврсти позиции, а во тие рамки и на ценовната стабилност.

    М.А.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично