Народната банка ги објави податоците за растот и падот на депозитите и кредитите за месец февруари годинава.
Вкупните депозити во февруари, се повисоки за 0,9% на месечна основа, во
најголем дел како резултат на зголемувањето на депозитите на секторот „домаќинства“, при умерен раст и на депозитите на корпоративниот сектор.На годишна основа, вкупните депозити се зголемени за 7,1%, при речиси еднаков раст на депозитите кај двата сектора.
‒ Во февруари, вкупните кредити, бележат месечен раст од 0,4%, додека на
годишна основа се повисоки за 4,4%. Нагорната промена на месечно и годишно
ниво е под влијание на зголеменото кредитирање кај двата сектора, со поголем
придонес на секторот „домаќинства“.
Вкупните депозити на корпоративниот сектор, во февруари, се зголемени за
0,5% на месечно ниво. Притоа, растот во најголем дел е резултат на
зголемувањето на краткорочните депозити во странска валута и депозитните пари,
во услови на пад кај долгорочните депозити во денари. Анализирано на годишна
основа, депозитите на корпоративниот сектор се повисоки за 13,7%, заради растот
на депозитните пари и краткорочните и долгорочните депозити во странска валута,
при остварен пад кај краткорочните и долгорочните депозити во денари.
‒ Во февруари, кредитите на корпоративниот сектор бележат месечно
зголемување од 0,3%, при речиси еднаков раст на кредитирањето во денари и
странска валута (малку поизразен кај кредитите во денари). На годишна основа,
кредитите на корпоративниот сектор се повисоки за 1,4%, во целост како резултат
на растот на кредитите во странска валута.
Кај вкупните депозити на домаќинствата, во февруари, е забележан месечен
раст од 1,3%, којшто во најголем дел се должи на зголемените депозитни пари,
при помал раст и кај краткорочните депозити во странска валута. Во споредба со
истиот период претходната година, овие депозити се зголемени за 5,2%, во целост
под влијание на повисоките депозитни пари и краткорочни депозити во странска
валута, во услови на пад кај останатите компоненти.
‒ Во февруари, кредитите на домаќинствата се зголемени за 0,5% и 7,1%, на
месечна и годишна основа, соодветно. Анализирано по валута, кредитите во
денари имаат поизразен придонес кон нагорната промена на месечно и годишно ниво.