ПОВЕЌЕ

    НБ: Економијата е стабилна, падот на БДП од 4,5% е во рамки на проекциите

    Време зa читање: 3 минути

    Според последните расположливи макроекономски показатели за економската активност, и во последниот квартал од 2020 година забавува падот на бруто домашниот производ, согласно со очекувањата, а остварениот пад на економијата за целата 2020 година е главно во рамките на последните  проекции, стои во соопштението на Народната банка. Имено, бруто домашниот производ во последниот квартал од 2020 година забележа пад од 0,7% на годишна основа, по падот од 3,3% во претходниот квартал. Со тоа, реалниот пад на економијата во 2020 година изнесува 4,5%, што е во согласност со проeкциите на Народната банка за пад од 4,9%. Расположливите високофреквентни податоци за првиот квартал 2021 година се ограничени и засега тешко можат да се извлечат јасни сигнали за економската активност во овој период.

    Во однос на инфлациските движења, во првите два месеца од 2021 година ценовните промени се умерени и се во согласност со очекувањата според последната проекција на Народната банка. Во услови на ревизии главно во нагорна насока кај надворешните влезни претпоставки, сѐ уште е нагласена неизвесноста од движењето на светските цени на примарните производи во следниот период и нивното влијание врз домашните цени.

    Девизните резерви и понатаму се на соодветно ниво и се одржуваат во сигурната зона. Најновите податоци од надворешниот сектор, за јануари 2021 година засега упатуваат на нешто понизок трговски дефицит од очекуваниот за првиот квартал од годината, додека последните податоци за менувачкото работење не отстапуваат значително во однос на очекувањата согласно со октомвриската проекција. Остварувањата кај билансот на плаќања за целата 2020 година упатуваат на умерено понизок дефицит во тековната сметка и умерено повисоки  финансиски приливи, во споредба со очекувањата со октомвриската проекција.

    Во рамките на монетарниот сектор, согласно со првичните податоци за февруари 2021 година, продолжува годишниот раст на вкупните депозити и кредити, при што растот на вкупните кредити е поумерен од проектираниот за првиот квартал на 2021 година според октомвриската проекција.

    Во периодот помеѓу двете седници на Комитетот, ликвидните средства на банкарскиот систем се одржуваа на солидно ниво, поради што потребата на банките за тргување со краткорочни денарски ликвидни средства на пазарите на пари и натаму е ниска. Пазарните движења, придружени со солидната девизна ликвидност на банките, во февруари, придонесоа за натамошно намалување на износот на интервенции за продажба на девизи од Народната банка за банките, којшто беше најнизок од почетокот на кризата наваму.

    Во февруари, со одвивањето на процесот на вакцинирање против корона-вирусот ширум светот, кај инвеститорите на меѓународните финансиски пазари имаше попозитивни очекувања за закрепнување на глобалната економија. Во такви услови, како и поради изгледите за дополнителен фискален стимул во САД, цените на државните обврзници во САД забележаа значителен пад, што придонесе за намалување и на цените на државните обврзници во еврозоната. Пад забележа и валутниот пар евро/САД-долар, којшто во голем дел произлезе од изгледите за побрзо закрепнување на економијата во САД и согледувањата за поскоро започнување на процесот на затегнување на монетарните услови од страна на ФЕД.

    Општо земено, на седницата на Комитетот беше заклучено дека засега тековите во економијата се стабилни, без поголеми отстапувања кај клучните макроекономски показатели во однос на проектираната патека. Неизвесноста и ризиците од пандемијата предизвикана од ковид-19 и натаму постојат, како во глобални рамки, така и во рамките на домашната економија.

    “Народната банка и натаму со голема внимателност ќе го следи развојот на настаните и потенцијалните ризици од окружувањето и нивните ефекти врз домашната економија, заради соодветна и навремена реакција преку соодветно приспособување на политиките”, наведуваат од банката.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично