Трииесет и шестата сесија на Клубот на истражувачите формиран од Народната банка заради условите со пандемијата на ковид-19 се одржа видеотелеконференциски, со што се овозможи на неа да учествуваат поголем број учесници.
–Како централна банка имаме зацртано и мисија за поддршка на научно-истражувачката активност во сферата на макроекономијата и банкарството. Драго ми е што и во актуелните услови на пандемијата, оваа мисија не запре и што и покрај ограничувањето на физичките контакти и воопшто покрај предизвиците од корона-кризата, наоѓаме начини да ги поддржиме развојот на научната мисла и стручната дебата. Особено ми е драго што и преку оваа сесија се овозможува простор за младите истражувачи, истакна гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска на отворањето на настанот.
На сесијата беа презентирани трудовите „Меѓусебното дејство на условната плата и траењето на невработеноста: емпириски докази од Јордан, Србија, Црна Гора, Украина и Молдавија за 2015 година“, од Тереза Кочовска и „Унапредување на процесот на кредитна анализа кај банките преку употреба на методи од машинско учење“, од Ален Калач. И двајцата автори се добитници на Годишната награда на Народната банка – Кочовска за минатата, а Калач за оваа година.
Во трудот на Кочовска се оценуваат детерминантите на најниската прифатлива (условна) плата, особено нејзината поврзаност со траењето на невработеноста. Резултатите коишто ги презентира на сесијата, укажуваат на тоа дека меѓусебното дејство на условната плата и траењето на невработеноста е контрациклично, односно дека зголемувањето на траењето на невработеноста ја намалува најниско прифатливата (условната) плата.
Според заклучоците до коишто доаѓа Кочовска, младите кои живеат во семејства коишто се приматели на други извори на приход и дознаки имаат пониски условни плати, додека младите коишто доаѓаат од семејства со подобра финансиска состојба или се приматели на државна парична поддршка имаат повисоки условни плати. Резултатите од истражувачкиот труд упатуваат кон теза дека младите коишто се во брак и имаат деца, како и младите коишто се со повисок степен на образование имаат повисока условна плата, информираат од Народната банка.
Овој труд на Кочовска се надоврзува на нејзиниот труд „Меѓусебното дејство на условната (најниско прифатливата) плата и траењето на невработеноста: Емпириски докази од Македонија“, за којшто минатата година ја доби Годишната награда на Народната банка. Со тоа се потврдува сферата на нејзино стручно интересирање во овој период.
За презентираниот труд „Унапредување на процесот на кредитна анализа кај банките преку употреба на методи од машинско учење“, Ален Калач ја доби Годишната награда на Народната банка за оваа година. Станува збор за труд што се одликува со актуелност, како и со релативно висока апликативна примена во контекст на секојдневните кредитни активности на банките. Поконкретно, Калач го истражува прашањето за прецизна оцена на кредитниот ризик преку примена на методи од вештачката интелигенција, односно машинското учење. Преку тестирање и споредување на перформансите на повеќе методи и модели, авторот дава конкретни заклучоци во поглед на користењето и прецизноста на секој од нив, како и конкретни препораки за нивна примена во рамки на процесите на кредитна анализа и оценување од страна на домашните банки.
Во рамки на сесијата, меѓу учесниците се водеше и дискусија за повеќе прашања поврзани со темите на двата труда, како и со тезите и заклучоците на Кочовска и Калач. Учесниците искажаа задоволство што и покрај условите во текот на пандемијата на ковид-19, Клубот на истражувачите продолжува со своите активности, како отворена платформа за презентација и дискусија на научно-истражувачки трудови, соопшти Народната банка.
Следната сесија на Клубот на истражувачите ќе се одржи во декември.